
Десниот бек на Милан, на позајмица од Манчестер Сити, Кајл Вокер беше подложен на операција на десниот лакт во средата поради скршеницата што ја доби претходниот ден на тренинг.
„Милан може да потврди дека Кајл Вокер доби скршеница на десниот лакт. За да се обезбеди подобро заздравување и да се оптимизира времето за опоравок, играчот беше подложен на операција во Милано за поправка на олекранонот преку остеосинтеза. Операцијата помина успешно според планот. Кајл веднаш ќе започне со рехабилитација“, наведоа ‘росонерите’ во соопштението.
Традицијата продолжува, се трансформира - Pinko Crafts ↓↓↓
Вокер одигра 12 натпревари од доаѓањето во Милан минатата зима. Сепак, не е познато колку ќе отсуствува 34-годишниот дефанзивец од теренот.
Ова е многу важна околност бидејќи, иако сезоната на Милан пропадна, раководството на италијанскиот клуб треба да одлучува дали ќе го откупи договорот на англискиот репрезентативец летово, на што имаат право.
Милан е на деветтото место на табелата по 31 коло со 48 бодови, а на позицијата која води во Лигата на конференции е Лацио, со 55 бодови, па речиси е сигурно дека екипата од Сан Сиро ќе ги пропушти европските натпревари следната сезона.
Натпреварот Милан – Аталанта во 32. коло од Серија А е закажан за недела во 20:45 часот.
Фото: AC Milan/FB