
Неколку дена по трагичната смрт на поранешниот австриски голман Александер Манингер, неговата сопруга Емили објави емотивна порака на социјалните мрежи. Да потсетиме, Манингер почина на 16 април, откако беше погоден од воз на железнички премин без бариери во Нусдорф ам Хаунсберг, во близина на Салцбург. Во писмото полно со емоции, сопругата го споменува нивниот семеен живот и зборува за Манингер како татко, пријател и сопруг.
“Алекс, со зборови не можам да ја искажам болката која ја чувствувам. Не сме семејство што таквата болка ја споделува јавно, но напливот на љубов од целиот свет ме натера да го направам тоа. Сакам да ја покажам твојата човечност не само како професионалец, туку и дома.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
Денес седам дома со семејството, обидувајќи се да ја прифатам новата реалност. Речиси невозможно е со зборови да се опише трагедијата што нѐ снајде како семејство. Сепак, ќе се обидам. Алекс, ти благодарам за нашите два сина, Александар и Никола. Тие се моето срце и душа.
Секогаш зборувавме како сè си испланирал до најситна точка. Навистина ги посакуваше децата, но одлучи да биде по крајот на кариерата, за да имаш време за нив. И токму тоа го направи. Беше највеличествениот татко за нашите момчиња, тие те обожаваа. Да бидам твоја сопруга беше мојата среќна дестинација.
Не беше само маж, туку и мој најдобар пријател. Секогаш можев да сметам на тебе, без разлика што ни беше потребно. Имавме совршен живот заедно: шетавме, одевме со чамец на езерата, веславме на даска, игравме домино, планинаревме, скијавме, игравме голф и престојувавме во прекрасни планински хотели – списокот е бескраен.
Салцбург е наш дом. Чувствувам голема привилегија што живееме на толку убаво и безбедно место со нашите деца и ти благодарам што овозможи ваков живот на нашето семејство. Знам колку нѐ љубеше мене и нашите момчиња. Те обожававме, Лекс, а нашите семејства беа пресреќни за нас.
Имаше одан круг вистински пријатели, што само го потврдува твојот карактер. Тие пријатели сега ми даваат поддршка и во нив наоѓам голема утеха. Имаше огромно влијание врз луѓето што ги запознаваше. Беше човек кој многу ги почитуваше другите: смирен, искрен, организиран, мотивиран, љубезен и лојален.
Беше образован и зборуваше неколку јазици. Многу патуваше, и беше искуствен и разгледен. Беше исклучително интересен за мене, а и многу други сакаа да седат и разговараат со тебе.
Беше феноменален син на твојата прекрасна мајка. Веста за твојата смрт ме уништи како личност, исто како и нашето цело семејство. Сега морам да бидам силна за тебе и нашите деца. Не верувам дека ова го заслуживме, но верувам дека таму горе постои Бог и дека те прими кај себе, покрај твојот татко.
Тие што го прочитаа ова, ги молам да се молат за моите деца. До нашето повторно видување, ти благодарам, Лекс. Ќе те сакам засекогаш. Твојата девојка, Емили”