![](https://sportski.mk/wp-content/uploads/2025/02/lebron-1-850x491.jpg)
Сопственикот на Далас Маверикс, Патрик Думонт, ги изнесе причините за неговата одлука да се откаже од Лука Дончиќ и во шокантна размена да го испрати во ЛА Лејкерс за склониот на повреди, шест години постариот Ентони Дејвис. Думонт индиректно го обвини Словенецот за мрзеливост, а неговиот нов соиграч, ЛеБрон Џејмс, остро реагираше на изјавите на сопственикот на Мавс.
“Мислам дека тимовите победуваат благодарение на фокусираноста, правилниот карактер, вистинската култура и вистинската посветеност на напорната работа за да се создаде шампионски исход. Ако не го правите тоа, ќе губите. Ако не сте фокусирани на победите, работата не функционира и не треба да бидете дел од Далас Маверикс”, рече Думонт.
Топ 10 трансфери оваа зима! Кој потроши најмногу!? ↓↓↓
Го прашаа да објасни дали тоа значи дека Дончиќ нема задоволителен карактер и посветеност на работата да води шампионски тим, на што Думонт одговори: “Многу работи се земаат предвид при одлучувањето за ростерот на тимот. Културата е многу важна и на неа сме фокусирани.”
Тие зборови не наидоа на добар одек кај ЛеБрон Џејмс, кој на социјалните мрежи објави коментар на изјавата на Думонт: “Кога кловн ќе се всели во палатата, не станува крал, туку палатата станува циркус”, со објаснување дека се работи за турска поговорка и јасна алузија дека со своето влегување во клубот, Думонт ги претворил Мавс во циркус.