Откако нивната непобедливост која траеше од почеток на сезоната конечно беше завршена со два последователни порази во Серија А, Милан во среда сака да се врати на победите против нивната клупска легенда – Андриј Шевченко.
Џенова е домаќин на стадионот Луиџи Ферарис, во третиот меч на Шева на клупата на овој тим.
Милан со дефанзивни проблеми
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Росонерите го започнуваат последниот месец од годината против новиот тим на Андриј Шевченко, кој се наоѓа на 18-тото место на табелата. Откако претходно уживаше на врвот на табелата во Серија А заедно со Наполи, се случија три меча без победа за нив. Добро е што имаа солидна разлика, па повторно се на врвот со само три бода помалку од Наполи. Но сега Интер и Аталанта кои заостануваа многу, имаат само бод помалку од Милан. Прво дојде ремито со Интер, па два порази од Фиорентина и Сасуоло. Она што уште повеќе загрижува е податокот што Милан прими седум гола на овие два меча – 4 од Фиорентина и 3 од Сасуоло. Очајна одбрана и неприфатлив податок за една екипа која најавува атак на Скудетото.
Победа за крај на серијата порази
Има и нешто позитивно во Милан изминатиот период. Меѓу двата порази во Серија А, се случи гостувањето кај Атлетико Мадрид во Лигата на Шампиони и победата од 0:1. Милан одигра одличен меч и славеше заслужена победа против шпанскиот шампион, па сега ги врати шансите за пласман во следната рунда. Во последното коло е домаќин на Ливерпул, но англискиот тим веќе има обезбеден пласман понатаму, па ќе нема императив да победи, а тоа е шансата за Милан. Но има време до то меч, сега да се вратиме на Серија А. Доколку Милан загуби од Џенова, тоа ќе биде прв пат да загуби три натпревари во Серија А по ред од септември 2019 година. Понатаму, Пиоли беше сведок дека неговиот тим прими загрижувачки 16 гола во последните девет првенствени натпревари. Отсуствата на првиот голман Мајк Маињан и импресивниот централен бек Фикајо Томори несомнено ја погодија екипата.
Шева сака прв гол на Џенова под негово водство против неговиот Милан
Џенова има очајна сезона, но се чини дека потегот да го смени тренерот и да го донесе Шевченко е добар. Последната и прва победа сезонава на Џенова дојде уште пред средината на септември кога тимот славеше над Каљари. Од тогаш одиграа 11 натпревари, но добро е што имаат само четири порази, наспроти седумте ремија. Откако новите американски сопственици го презедоа кормилото на најстариот клуб во Серија А, се бараше атрактивен менаџер. А тој висок профил беше назначувањето на Андриј Шевченко. Е сега, Џенова не успеа да постигне гол на неговите два први меча – факт што се коси со легендарната репутација на Украинецот како напаѓач во италијанскиот фудбал. Сега и тој се надева дека првиот гол за Џенова под негово водство ќе биде токму против Милан, екипата каде ја стгекна својата слава како фудбалер.