
Олек Балцеровски порача дека Барселона со добра енергија го дочекува следниот натпревар против Олимпијакос, откако каталонскиот тим врза важни победи против Валенсија Баскет и Макаби Тел Авив.
Полскиот центар истакна дека ваквите резултати значат многу за самодовербата на екипата и за вербата во тоа што го бара тренерот Секулиќ, но во исто време подвлече дека нема простор за опуштање бидејќи ритамот на сезоната е немилосрден.
„Победите секогаш се добри за менталитетот на тимот и за довербата во тоа што тренерот го бара од нас. Среќни сме што ги добивме тие два натпревари против силни противници. Но, нема запирање, сега не чека нов предизвик и го оставаме зад нас тоа што помина“, изјави Балцеровски.
Пред него и Барса сега е дуел со актуелниот шампион на Евролигата, а Балцеровски јасно стави до знаење дека Олимпијакос го гледа како сериозен противник, но и како дополнителен мотив за напредок.
„Олимпијакос треба да биде мотивација за сите нас. Тоа е одличен тим и игра навистина добро. За мене, секој меч е шанса да напредувам и да победувам, тоа нема да се смени ниту сега“, додаде кошаркарот на Барселона.
Тој се осврна и на карактерот на екипата, нагласувајќи дека токму тоа е една од најсилните страни на Барса.
„Карактерот не се тренира. Тоа е дел од идентитетот на секој од нас. Овој тим има карактер да се бори секогаш, без разлика на околностите“, истакна Балцеровски.
На индивидуален план, полскиот репрезентативец рече дека е задоволен од својата улога во тимот и од довербата што ја добива и од стручниот штаб и од соиграчите.
„Се чувствувам многу добро. Среќен сум што можам да му помогнам на тимот и што тренерот и соиграчите ми веруваат. Благодарен сум што имам важна улога во ваков клуб, во Евролигата и во шпанското првенство. Сакам да направам сè што е во моја моќ за тимот да победува, тоа ми е најважно“, порача центарот.
Иако следниот противник е еден од најсилните во Европа, Балцеровски не сака натпреварот да се претставува како конечен показател за вистинската сила на Барселона.
„Ние не го гледаме ова како тест, туку како натпревар што сакаме да го добиеме. Секој ден е можност да бидеме подобри, повеќе како тим, да ги поправаме слабостите и да ги унапредуваме работите што ги правиме добро. Секој меч е предизвик“, заклучи Балцеровски.