Македонската експедиција која го искачи Ама Даблам ја одржа официјалната презентација за ова несекојдневно достигнување, во Кино Милениум во Скопје. Во услови на ковид-протоколи и редуциран број на места, кино салата беше исполнета до последното седиште, а се бараше и билет повеќе.
Ирина Дишовска и Лазо Миновски имаа двочасовно излагање кое ги остави присутните без здив, на кое му претходеше видео-проекција на дел од материјалите кои нашите двајца планинари ги снимија за време на престојот во Непал.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Ви завидувам, таа прекрасна убавица Ама Даблам неколку пати сум ја набљудувал и сум кружел околу неа, но никогаш не успеав да ја искачам. Се радувам што бевте таму, но уште повеќе што се вративте дома. Што и да донесете фотографирано или снимено, само вие знаете како е таму и како сте поминале.” – рече меѓу другото, во видео порака, претседателот на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија, д-р Јовица Угриновски.
„Со радост се сеќавам на времето поминато со Ирина и Лазо, тоа се два прекрасни планинарски карактера со кои е задоволство да се делат деновите во предизвикот. Беа решени и ништо не можеше да ги сопре да се искачат на Ама Даблам, а со нив и јас добив сила.” – беа дел од зборовите на Валдемар Ковалевски, истакнат планинар од Полска, кој во кариерата има искачено 7 врвови над 8.000 метри, од вкупно 14 колку што постојат.
Присутните беа пречекани во топла атмосфера од организаторите, на што возвратија со неколку долги и искрени аплаузи, при интерпретацијата на сето она што Ирина и Лазо го доживеаја за време на 30-дневната непалската авантура, на технички еден од најтешките хималајски врвови, Ама Даблам (6.812).
„Ама Даблам е најголемото достигнување во мојата планинарска кариера, досега. Ова искачување за мене претставува поместување на моите можности и границите кои мислев дека постојат. Следната цел што сакам да ја постигнам, е искачување на некој од врвовите над 8.000 метри, да стапнам на таа висина без да користам дополнителен кислород. Следна дестинација ќе ми биде Пакистан.” – рече Ирина Дишовска, која годинава е номинирана за две престижни годишни награди во областа на спортот кај нас, во женска конкуренција.
„Ама Даблам за мене беше планинарска раскрсница во животот, сакав да видам дали можам да се соочам со вистинското лице на планината. Следна цел ми се сите врвови над 8.000, ги има 14, а колку ќе успеам да искачам, ќе видиме во наредниот период. Следна станица, ако сме живи и здрави, ќе ми биде Даулагири (8.167) каде ќе носам дополнителен кислород, но ќе се обидам да се искачам без да го употребам.” – се зборовите на Лазо Миновски, кој е наш истакнат велосипедист, но последните две години најде нова пасија во планинарењето.
Озарените лица и полните очи на присутните во кино салата Милениум во ГТЦ во Скопје, бea доволен доказ колку ни недостасуваат ваквите настани. Срцата на љубителите на планинарењето беа стоплени со зборовите кои доаѓаа од бината, на која Ирина и Лазо им се поклонија на сите кои дојдоа да го чујат нивното доживување.
„Се надеваме дека нашите зборови многу ќе им помогнат на оние кои ќе се охрабрат да тргнат кон Хималаите. Ние бевме достојни репрезенти на нашата држава, иако ниту една институција не го препозна нашиот решителен став и никој не ни помогна финансиски, освен неколку верни спонзори на кои сме им бескрајно благодарни, а тоа се Хел, Халкбанк, Месарница Мечка и Пробајк. Ништо не е невозможно, треба само да се решите да поминете преку прагот и успехот е на дофат.” – рекоа Ирина и Лазо.
Домаќинот Кино Милениум се пошегува за билетите кои пламнаа за неколку часа – следниот пат кога ќе организираме премиера, ќе ве ангажираме вас. Ирина и Лазо им се благодарни и на менаџерите на Кино Милениум, кои ја отстапија кино салата за овој настан, за кој билетите беа бесплатни и се делеа по принцип прв дојден, прв услужен.