Италија и Австрија ја сочинуваат втората осминафинална двојка на ЕУРО 2020, двојка која својот меч ќе го одигра во сабота во вечерниот термин од 21:00 часот. Италија за прв пат на ова првенство нема да игра дома.
Манчини прави чуда со Италија
Роберто Манчини може разумно да тврди дека е човекот што ја спаси и ја воскресна репрезентацијата на Италија.
Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Кога ги презеде „Азурите“ во Мај 2018 година, Италија беше на дното по нивниот неуспех да се пласираат на Светското првенство во Русија – катастрофа невидена 60 години. Но, Манчини прецизно одработи се и создаде тим со јасен идентитет и ветувачки спој на неколку искусни, но пред се на млади фудбалери.
Атмосферата не може да биде подобра. Националната гордост во италијанскиот фудбалски тим е вратена, предизвикувајќи надеж за иднината, но веќе и високи амбиции за овој шампионат.
Манчини веќе руши рекорди. Прво го сруши двојниот рекорд на победникот во Светскиот куп, Виторио Поцо, од 30-тите години, водејќи ги „азурите“ до 11 последователни победи. Италија успеа да го израмни својот рекорд од далечната 1939 година, кога запиша 30 последователни натпревари без пораз. Рекордот кој е во сила цели 82 години.
Репрезентацијата предводена од Роберто Манчини е без пораз од 10 септември 2018 година, кога последен пат загуби од Португалија. Од тогаш следуваат 25 победи и пет нерешени натпревари. Она што е брилијантно е фактот што во оваа последна серија од 11 победи по ред, Италија не прими ниту еден гол.
Амбициите сега пораснаа
Италија имаше беспрекорен старт на ЕУРО 2020, со игри со кои веднаш ја објави кандидатурата за златниот медал. Три стартни, чисти победи без примен гол од по 3:0 над Швајцарија и Турција и од 1:0 над Велс.
Ова е навистина неверојатен пресврт за Италија откако го пропушти минатиот Мундијал. Италија секогаш цели високо, па таков е случајот и сега. Но за разлика од предходните шампионати сега никој во Италија не се залетуваше во очекувањата. Сепак, само после три меча апетитите пораснаа до небо. Манчини смирува, вели дека допрва на наредните шампионати Италија ќе го покаже најдоброто од себе, но според игрите тие веќе се вбројуваат како еден од најсериозните кандидати за драгоцениот континентален трофеј.
Австрија има сила и квалитет
Австрија заврши како втора во групата Ц во која беше и Македонија, веднаш зад Холандија, а пред Украина и Македонија. По стартната победа над Македонија, следуваше тежок меч во Амстердам кај Холандија и очекуван пораз. Но австгријците не беа надиграни, онака како што се очекуваше на тој меч. Во решавачкиот дуел со Украина, кога сите очекуваа мирно реми, Австрија нападна и сосема заслужено победи со 1:0. Беше надмоќна на тој меч во сите сегменти од фудбалската игра. Фуда изјави дека доколку Австрија на таков начин одигра и во осминафиналето, ќе има шанси против Италија.
Во секој случај се работи за еден доста квалитетен тим, каде Алаба и Сабицер со својот квалитет го диктираат темпото и стилот на игра, а ако тие двајца се на потребното ниво, тогаш можат да слават против најсилните селекции во Европа.