
Како што известува порталот “Атлетик”, Манчестер Сити е прогласен за виновен за скоро сите обвинувања во врска со прекршување на финансиските правила во Премиер лигата.
Се уште нема одлука за можните санкции против клубот од “Етихад”, и се очекува дека клубот ќе вложи жалба на оваа пресуда.
Според информациите од “Атлетик”, повикувајќи се на анонимни извори запознаени со случајот, Сити е прогласен за виновен за сите обвинувања освен едно, од вкупно 115 покренати против клубот.
Портпаролот на клубот изјави за „Атлетик” дека не се загрижени за истрагата.
“Процесот што го води Премиер лигата е сè уште во тек, предстои завршување на важни фази, а целиот процес е подложен на строги правила за доверливост. Соодветно на тоа, ставот на ФК Манчестер Сити останува непроменет во однос на изјавата од февруари 2023 година. Клубот осум години посветено ја почитуваше поставената процедура, со претпоставка дека раководството и извршните органи на Премиер лигата ќе се однесуваат како независна, непристрасна и правична регулаторна институција, ослободена од било какво пристрасно влијание.”, наведе тој.
Можните казни се наведени во членот W.51 од правилникот на Премиер лигата. Комисијата може да издаде опомена, да воведе финансиска казна, да одземе бодови или да изврши исклучување од лигата.
Бодовите би можеле да бидат одземени од моментот на носење на одлуката или ретроактивно. Исто така, постои можност за одземање на претходно освоените титули.
Да потсетиме, во февруари 2023 година, Премиер лигата ги покрена обвинувањата против “граѓаните” поради наводно прекршување направено во периодот од 2009 до 2018 година и случајот беше проследен до независна комисија.