
Денеска, на 15 август, новата сезона на Премиер лигата започнува со дуел на Енфилд, помеѓу актуелниот шампион Ливерпул и минатосезонското изненадување, тимот на Борнмут. Главното прашање во Англија е – ќе успее ли Ливерпул да ја одбрани титулата?
Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст
Минатата сезона малкумина веруваа дека Арне Слот, кој го наследи Јирген Клоп на клупата, ќе го освои трофејот без големи засилувања. Сепак, сега ситуацијата е сосема поинаква – Ливерпул во летниот преоден рок потрошил речиси 300 милиони евра за ангажирање на нови, ѕвездени имиња.
Голема промена на тимот
Во тимот пристигнаа Жереми Фримпонг (35 милиони €) и Флориан Вирц (117,5 милиони € + бонуси) од Леверкузен, Милош Керкез од Борнмут (46,5 милиони €), Хуго Екитике од Ајнтрахт (95 милиони €), Џиорџи Мамардашвили од Валенсија (29 милиони €), и младиот Џовани Леони од Парма (30 милиони €).
Трансферот на Александар Исак од Њукасл е под знак прашалник – „Свртеците“ бараат и до 175 милиони евра, што Ливерпул засега не е подготвен да го плати.
Конкуренцијата подготвена за напад
- Арсенал го доведе Виктор Ѓокереш и се стреми кон првата титула од 2004 година.
- Манчестер Сити под кормилото на Пеп Гвардиола сака да се врати на врвот, иако без Кевин де Брујне, но со нови засилувања како Рејндерс и Ријан Черки.
- Манчестер Јунајтед, предводен од Рубен Аморим, започнува нова ера со доаѓањата на Матеус Куња, Бенџамин Шешко и Брајан Мбомо.
- Челси, откако го освои светскиот трофеј под водство на Ензо Мареска, изгледа силно, со засилувања како Жоао Педро, Естевау и Лијам Делап.
- Тотенхем влегува во сезоната со самодоверба по освојувањето на Европската лига и трансферите на Мохамед Кудус и Матис Тел.
- Астон Вила и Њукасл сакаат да докажат дека можат да бидат еднакво конкурентни со „Големата шесторка“.