![](https://sportski.mk/wp-content/uploads/2025/02/gettyimages-2198051129-850x491.webp)
ФУДБАЛЕРИТЕ на Ливерпул се квалификуваа за финалето на англискиот Лига куп. Откако во првиот натпревар од полуфиналето загубија со минимални 1:0 од Тотенхем, синоќа на „Енфилд“ убедливо го победија тимот од Лондон со 4:0 и се пласираа во своето 15-то финале од натпреварувањето кое го имаат освоено рекордни 10 пати.
Ливерпул ја анулира предноста на Тотенхем од првиот натпревар во 34. минута, кога Мохамед Салах асистираше на Коди Гакпо за 1:0. Ова беше неговата прва асистенција во ова натпреварување по октомври 2014 година, кога асистираше на Дрогба за Челси на гости кај Шрусбери Таун.
Тотенхем падна во вториот дел
Топ 10 трансфери оваа зима! Кој потроши најмногу!? ↓↓↓
Водечката екипа од Премиер лигата го удвои водството во 51. минута, кога Салах со одлично изведен пенал го постигна голот за 2:0. Доминик Собослај во 75. минута го зголеми резултатот на 3:0, додека конечните 4:0 ги постави Вирџил ван Дајк со гол со глава по еден корнер само пет минути подоцна. Сите голови можете да ги видите ОВДЕ.
Ливерпул во финалето ќе игра против Њукасл, а натпреварот е закажан за 16-ти март на „Вембли“. Ливерпул досега има славено во 10 од 14 финалиња во англискиот Лига куп, додека Њукасл ги има загубено сите две кои ги одиграле.