Еурофарм Пелистер сезонава ја освои титулата во македонското првенство на која чекаше цели 18 години, а еден од најважните ракометари во составот на тимот од Битола секако беше македонскиот репрезентативец Ненад Костески.
Костески зад себе има една одлична сезона, а доказ за тоа е и наградата која доби во избор специјализираниот сајт „24ракомет“ за најдобро десно крило во македонската Суперлига.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Во интервју за „Спортски.мк“, Костески зборуваше за најважните моменти во сезоната, како и очекувањата за наредната во која Еурофарм Пелистер ќе биде единствениот македонски претставник во Лигата на шампионите.
Секако, тука ќе биде и настапот со репрезентацијата на Европското првенство каде што не чека една тешка група.
Што сметаш дека беше пресудно оваа сезона по 18 години титулата да се врати во Битола?
Па јас мислам дека пресуди нашиот квалитет и подолгата клупа која ја имавме на располагање за разлика од Вардар и сосема заслужено славевме по долги 18 години.
Верувавте ли дека по поразот во Скопје од Вардар работите може да се променат до крајот на сезоната?
По поразот во Скопје и по се што се случуваше размислуваме за следниот реванш натпревар во Битола и сите верувавме дека можеме да имаме позитивен резултат, но ете се случи тој кикс на Вардар против Алкалоид и тоа ни ја олесни задачата.
Има ли клучен натпревар кој го сметаш за пресвртница во сезоната?
Па ете, тој натпревар со Вардар во Битола, но би напоменал дека не може баш да се издвои некој напревар затоа што имамвме многу тешки натпревари, ова за нас беше една турбулентна сезона.
Колку подигнувањето на квалитетот на Алкалоид влијаеше на битката помеѓу Еурофарм Пелистер и Вардар?
Јас мислам влијаеше навистина многу, затоа што Алкалоид успеа оваа година да го победи Вардар и да ни го олесни нашиот пат до титулата. Против нас исто така беа блиску до таков подвиг, но пресуди нашето искуство и не дозволивме таква сензација.
Ве очекува Лигата на шампионите наредната сезона, какви се очекувањата?
Сеуште е рано да зборуваме кои се очекувањата и целите, да оставиме на времето да покаже. Прво да се состави екипата затоа што дел си заминаа па мора да се потполнат тие позиции па ќе видеме што за понатаму.
Колку овој тим на Еурофарм Пелистер може да се надигрува со силни ривали во најелитното европско натпреварување?
Па како што напоменав за тоа ќе можеме да зборуваме подоцна, најважно сега е да го составиме тимот. Лично очекувам одлични натпревари во Лигата на шампионите.
Имаш договор до 2025 година, ќе те гледаме ли со сигурност во дресот на Пелистер и наредната сезона?
Да, го продолжив договорот оваа сезона, за уште наредни две сезони, па така со сигурност и наредната сезона ќе ме гледате во дресот на Еурофарм Пелистер.
На почетокот на идната година Македонија очекува Европското првенство во ракомет во група со Франција, Германија и Швајцарија. Колку се можностите на нашата репрезентација во оваа група?
Точно, во јануари не очекува уште едно Европско првенство во низа. Ќе играме во тешка група и ќе се подготвуваме максимално и можам да кажам дека ќе одиме да се надигруваме со сите. Сигурно нема да излеземе со бело знаме, ќе го дадеме нашиот максимум, па ќе видиме што ќе биде.
Како се чувствуваш во Битола, како го поминуваш слободното време?
Во Битола сум веќе три години и тука се чувствувам одлично, навистина сум како дома. Во слободното време најчесто со моите соиграчи одиме заедно на кафе.
Задоволен си од поддршката на навивачите во текот на сезоната?
„Чкембарите“ се една одлична навивачка група без која не можеме и која многу ни значи, тие се наш ветер во грб.
Фото: РК Еурофарм Пелистер