
Италијанските медиуми пишуваат дека иднината на тренерот Игор Тудор во Јувентус сè уште не е одлучена по неделното реми 1:1 против Болоња во 35-то коло на Серија А. Многу нешта сè уште зависат од пласманот на тимот во Лигата на шампионите..
Јувентус поведе рано во првото полувреме со голот на Кефрен Турам на Дал’Ара, но девет минути по стартот на второто полувреме Ремо Фројлер го изедначи резултатот.
Учиме по најтешкиот пат: Со едукација за заштита и спасување до спречување на трагедии! ↓↓↓
Овој резултат значи дека сега четири тима се наоѓаат во разлика од еден поен во борбата за место што води во Лигата на шампионите. Јувентус, Рома и Лацио имаат по 63 поени, додека Болоња е зад нив со 62 поени. До крајот на првенството остануваат уште три кола.
Тудор на клупата на Јувентус е шест натпревари откако на крајот на март го наследи сменетиот Тијаго Мота. Оствари три победи, две ремија и еден пораз. Низата вклучува победа од 1:0 против Џенова, реми 1:1 со Рома, победа од 2:1 против Лече, пораз 0:1 од Парма, победа од 2:0 над Монца и неделно реми 1:1 со Болоња.
Според информациите на порталот Ilbianconero.com, се верува дека Тудор веројатно нема да остане на клупата на Јувентус следната сезона ако тимот не избори пласман во Лигата на шампионите. Наводно дури ни пласманот меѓу четирите најдобри нема да ја гарантира неговата работа, бидејќи Јувентус сака да биде сигурен во работата на својот тренер, а засега не е, сметаат италијанските новинари.
Тудор ќе го води тимот на Светското клупско првенство кое започнува средината на јуни, а малку е веројатно дека пред тоа ќе биде објавена било каква официјална одлука.
Фото: Juventus FC/X