
Македонската одбојкарска репрезентација го претрпе и вториот пораз на Европското првенство, откако денеска Украина славеше убедливо со 3-0 во сетови.
Украинците ја оправдаа фаворитската улога, иако македонските одбојкари во одредени моменти успеваа да бидат рамноправен противник. Сепак, клучната разлика ја направи сервисот на Украина, кој се покажа како најсилното оружје на противникот.
Украина од самиот почеток на првиот сет воспостави контрола врз играта и во еден момент стигна и до предност од седум поени (16-9). Македонија успеа да се врати во финишот, но не и целосно да го сврти резултатот, па сетот заврши со 25-22.
Слично сценарио се повтори и во вториот сет. Украина повторно создаде предност, а нашата репрезентација се обиде да остане во игра до самиот крај. Сепак, повторно на семафорот стоеше 25-22 за Украинците. Во третиот сет Македонија целосно падна во играта. Украинската репрезентација доминираше во сите сегменти и без поголеми проблеми го освои сетот со убедливи 25-10, за конечна победа од 3-0.
Македонија сега ја очекува уште еден исклучително тежок предизвик. По два дена, во Софија, нашите одбојкари ќе ги одмерат силите со една од најдобрите европски репрезентации, Полска во терминот од 18:00 часот.