
Фудбалската федерација на Македонија доби важна правна потврда од Судот за спортска арбитража (CAS) во Лозана. Судот ги одби жалбите поднесени од ФК Гостивар и поранешниот претседател на клубот Енес Уста, со што во целост ги потврди претходно донесените одлуки на органите на ФФМ.
Случајот се однесува на натпреварот меѓу Гостивар и Работнички од 29. коло во сезоната 2024/25, кој беше проследен со низа инциденти и организациски пропусти. На Гостивар му беа изречени дисциплински мерки, меѓу кои и одземање бодови, додека Уста беше санкциониран поради своето однесување и наводното поттикнување на случувањата што доведоа до прекин на натпреварот.
По разгледувањето на случајот, CAS утврдил дека дисциплинските и жалбените органи на ФФМ постапиле согласно важечките прописи. Судот оценил и дека изречените санкции биле соодветни и пропорционални на направените прекршоци.
Со тоа, жалбите на Гостивар и Уста се одбиени, а одлуките на ФФМ остануваат во сила.
Од Федерацијата посочуваат дека одлуката од Лозана има особена важност, бидејќи ова е прв случај во кој ФФМ успешно ги одбранила своите одлуки пред Судот за спортска арбитража.
Од ФФМ сметаат дека пресудата претставува потврда дека нивните надлежни органи носат одлуки врз основа на прописите и принципите на спортското право, но и дека тие одлуки можат да издржат независна меѓународна правна проверка.