
Тренерот во младинската школа на Ангели, 33-годишниот Антонио Савески од Охрид, е лицето кое трагично настрада во тешката сообраќајна несреќа што во текот на ноќта се случи на патот Охрид-Кичево.
Савески својата кошаркарска приказна ја започнал во родниот Охрид, а подоцна работел и со млади таленти во школата на Водно Партизан. Покрај љубовта кон кошарката, во јавноста беше познат и како голем колекционер на спортска опрема. Во неговата колекција имало околу 500 кошаркарски дресови.
Според информациите од МВР, несреќата се случила откако автомобилот со кој управувал Савески удрил во кучиња скитници, по што возилото излетало и се забило во металните браници покрај патот. По силниот удар, автомобилот се запалил.