
Макс Верстапен се огласи по онлајн нападите насочени кон неговиот тимски колега Крис Лулхам по финалето од GT World Challenge Europe Endurance Cup во Портимао.
Британецот возеше солиден стинт во тричасовната трка и се движеше во топ 10, но потоа дојде до контакт со „Мерцедесот“ број 48 на Лука Штолц од Винвард Рејсинг. Инцидентот донесе „драјв-тру“ казна, со што болидот број 3 на Team Verstappen Racing Mercedes-AMG практично остана без реална шанса да се бори за победа, иако тимот се проби од 14. стартна позиција.
Во завршниот дел зад воланот беше Верстапен, кој успеа да извлече максимум и да го донесе тимот до деветтото место. Четирикратниот светски шампион во еден момент беше дури на 24. позиција, а последниот напредок го направи во финишот, кога на четири минути до крајот мина покрај „Ферарито“ управувано од Артур Леклер, братот на Шарл Леклер.
По грешката на Лулхам следуваше лавина од навреди на социјалните мрежи, а Верстапен преку Инстаграм застана во негова одбрана.
„Чувствувам потреба да се огласам за омразата и вознемирувањето што Крис ги доби по трката. Секој може да има свое мислење за тоа што се случи на патеката, но личните напади не се во ред.
Крис имаше навистина силен стинт и грешки се случуваат. За ваков вид злоупотреба нема место ниту во нашиот спорт, ниту било каде на друго место“, порача Верстапен.
Поддршка за Лулхам испрати и Бен Барникот, кој настапи во составот на болидот број 3 како замена за редовните возачи Дани Хункадеља и Жил Гунон.
Лулхам до GT трките стигна преку сим-рејсинг, а Верстапен посочи дека тие двајца соработуваат веќе подолго време.
Победата во Портимао ја однесоа Фабијан Шилер, Ралф Арон и Макси Гец во болидот број 17 на GetSpeed Mercedes-AMG. Следна станица за Верстапен е Остин, каде што го очекува Големата награда на САД во Формула 1.