
Николо Булега стави точка на својата WorldSBK кариера на најдобар можен начин – со победа во втората трка во Херез и комплетиран хет-трик за викендот.
За Италијанецот ова беше последен настап во шампионатот пред преселбата во MotoGP во 2027 година, а триумфот му беше и 32. сезонава. Со тоа се израмни и со легендата на WorldSBK, Трој Бејлис, на вечната листа.
Икер Лекуона имаше одличен старт и од втората позиција прв влезе во првиот свиок пред својот тимски колега Булега, додека Алваро Баутиста експресно се проби од петтото на третото место.
Сепак, одговорот на Булега беше моментален. Тој повторно изби на чело уште во четвртиот свиок, по што двајцата возачи на фабричкиот Дукати почнаа да градат предност во однос на ривалите.
По промените во првиот круг, поредокот на врвот долго време остана стабилен. Возачите на Дукати постепено го креваа темпото и направија повеќе од три секунди разлика во однос на Баутиста, кој се наоѓаше на третата позиција.
Пет круга пред крајот беше истакнато белото знаме поради дождот што се приближуваше околу патеката, а четири круга пред финишот возачите добија можност и да ги сменат моторите поради условите.
Тоа, сепак, ништо не промени на врвот. Булега сигурно ја контролираше трката и мина низ целта со предност од 4.696 секунди, ставајќи емотивен крај на својот WorldSBK период.
Лекуона го завери второто место со речиси десет секунди предност пред конкурентите, со што Aruba обезбеди 1-2 финиш во историска сезона за италијанскиот тим.
Промената на условите најмногу му создаде проблеми на Баутиста, кого во завршницата жестоко го нападна Сем Лоус. Британецот го изведе решавачкиот потег во последниот круг, во вториот свиок, и го презеде третото место. Баутиста се обиде да возврати, но не успеа да се врати на подиумот.
Во битката зад нив, Алекс Лоус долго време се бранеше од Јари Монтела во дуелот за петтата позиција, откако претходно изгуби во борбата за третото место во шампионатот. Возачот на Бимота издржа девет круга, но на крај силата на Дукати беше пресудна и Монтела мина напред во последниот свиок.
Лоренцо Балдасари исто така го мина Алекс Лоус во финишот, па возачот на Бимота заврши седми, пред тимскиот колега Аксел Басани на осмото место.
Алберто Сура беше деветти, а Мигел Оливеира ја заокружи топ 10 листата. Томи Брајдвел по тежок старт заврши 11-ти, додека Чави Виерге беше 12-ти во својот проштален настап со Јамаха.
Гарет Герлоф финишираше на 13. место, пред двојката на Хонда, а Сомкијат Чантра на 14. и Џејк Диксон на 15. позиција ги освоија последните бодови во сезоната.