Светското првенство во ракомет годинава се одржува во Хрватска, Данска и Норвешка, а навивачите од Словенија, чија репрезентација досега сите натпревари ги одиграла во соседството, од почетокот на турнирот се жалат на високи цени на влезници, храна и пијалоци во загрепската Арена. Но, не се единствени бидејќи и Исланѓаните се пожалија на слични работи.
Имено, словенечкиот портал Ekipa направил разговор со една навивачка од Исланд која се пожалила дека во Загреб на секој чекор некој сака да ги измами.
Никогаш не мислев дека ќе зборам за мојата состојба на поткаст! ВТОРНИК/20:00 часот ↓↓↓
Иако доаѓа од една од земјите со највисок животен стандард и плати кои се повисоки од европскиот просек и трипати поголеми од оние во Хрватска, госпоѓата Хердис Рутсдотир е згрозена од тоа што го видела во Арената.
“Мојот сопруг на полувремето од нашиот натпревар со Словенија отиде да купи Кока Кола, а келнерката му наплати 60 евра! Тогаш повика друг, постар келнер, кој беше пореален и му ја врати разликата во пари”, изјавила Рутсдотир.
Инаку, цената на Кока Кола од пол-литро во Арената е пет евра.
Но, тоа не било единственото лошо искуство кое го имала во Загреб.
“Пред неколку дена, пријателите и јас тргнавме со такси од Арената до градот, а возачот сакаше да ни наплати 85 евра. Но, успеавме да ја спуштиме цената на 21 евро”, изјавила Рутсдотир и додала дека уште полошо поминал новинарот на порталот Mbl.is кој платил 100 евра за возење со такси од Арената до еден од хотелите во Загреб.
На крај, уредникот на порталот Handbolt.is, Ивар Бенедиктссон, ѝ препорачал дека во Загреб е најдобро да користи Bolt или Uber за да избегне понатамошни непријатности со таксистите.