
По скоро две години молчење, Чави Ернандес, поранешен играч и тренер на Барселона, реши да ја прекине тишината и, според неговите зборови, да ја “каже вистината”. Обелодени дека враќањето на Лионел Меси во каталонскиот гигант било договорено, но било спречено во последен момент од страна на претседателот Жоан Лапорта.
Според Чави, договорот за враќање на аргентискиот ас бил финализиран. “Лео беше подготвен”, изјави тој, објаснувајќи дека разговорите започнале уште во јануари 2023 година, непосредно откако Меси станал светски шампион.
Street Workout Macedonia – Движење што гради сила, карактер и издржливост | Уште еден поткаст
– Го контактиравме и тој ми рече дека има желба да се врати. Преговаравме се до март и јас му реков дека ќе разговарам со претседателот штом ми даде зелено светло, бидејќи од фудбалска перспектива тоа беше добра одлука – детално објасни поранешниот играч од средината на теренот.
Процесот за продолжување на соработката помеѓу Лапорта и таткото на Меси започна, и дури доби зелено светло од Ла Лига. Сепак, операцијата ненадејно беше откажана.
– Претседателот е тој што го уништи сето тоа – обвини Чави и додаде:
– Лапорта ми кажа дека, ако Лео се врати, ќе води војна против него и дека тоа не може да го дозволи.
Поранешниот фудбалер додаде дека од тој момент, Меси не му одговарал на повиците, зашто му било кажано “од другата страна” дека тоа не е возможно.
– Пет месеци преговаравме со Лео, сè беше договорено, фудбалски немаше сомнежи, финансиски планиравме да го користиме “Монжуик” и сè беше спремно за уште еден танц како Џордан.
Поранешниот тренер исто така негира дека неуспехот на трансферот бил последица на финансиските барања од Хорхе Меси или било какви пречки од страна на челниците на Примера.
– Тоа е лага. Претседателот и неговите луѓе се тие што му кажуваат не, и дека Меси не би можел да управува со моќта која ја поседува – нагласи тој.
Оваа епизода, според Чави, влијаела на неговите односи со аргентискиот играч.
– Мислеше дека сум вмешан во некој заговор, и тоа многу влијаеше на моите односи со Лео, но сега повторно сме добри. Силен беше мојата желба Лео да се врати и да го тренирам повторно, но нè завртија еден против друг.
И покрај желбата да го види Меси повторно како триумфира во дресот на Барселона, Чави верува дека неговата лична приказна во клубот завршила.
– Сега мислам дека никогаш нема да се вратам во Барса. Веќе ја исполнив својата улога како играч и тренер – заклучи Чави.