
Црвена звезда ја запиша и четвртата победа во Евролигата оваа сезона и по стартот 0:2 сега е на учинок 4:2, во самиот врв на натпреварувањето. По новиот триумф, тренерот Ибон Наваро ги сподели впечатоците на прес-конференцијата и зборуваше за неколкумина играчи кои беа во фокусот по натпреварот.
Најсилната порака ја испрати кога беше прашан за Никола Ѓуришиќ. Наваро не штедеше пофалби и јасно порача дека во него гледа голем потенцијал.
„Тој е иднината на репрезентацијата на Србија“, истакна тренерот на црвено-белите, посочувајќи дека Ѓуришиќ почнал и против Асвел, а бил стартер и на овој натпревар.
Наваро се осврна и на текот на мечот, нагласувајќи дека неговиот тим знаел оти ги чека долг и тежок дуел. Според него, било јасно дека ривалот ќе игра во свој препознатлив стил, со многу шутеви и голем број поседи, па затоа било неопходно трпение до самиот крај.
Тој призна дека Звезда не ја отворила добро последната четвртина од енергетски аспект и дека за кратко време примила 15 поени, но додаде дека тимот останал мирен во тие моменти. И покрај промашувањата, според Наваро, отворените шутеви му давале самодоверба на тимот, а посебно посочи дека Батлер помогнал во важни моменти. Потсети и дека против Париз никогаш не може однапред да се каже дека мечот е решен.
На прашањето дали негов избор придонел за компликации во финишот, Наваро ја презеде одговорноста.
„Моја грешка беше што излегов со петорка која енергетски не беше на потребното ниво“, беше неговата оценка.
Кога станало збор за големиот број обиди за три поени на Париз, тренерот објаснил дека тоа е стилот на противникот. Признал дека во одредени ситуации неговиот тим не бил добро поставен, но додал и дека имало моменти кога шутевите на ривалот биле максимално отежнати.
Посебни пофалби доби и Џордан Нвора. Наваро оцени дека тој многу добро ја разбира својата важност за тимот и дека со физичките предиспозиции и стилот на игра е комплетен кошаркар кој може да помогне на двете страни од теренот.
Според него, Нвора треба да ги намали загубените топки, но истовремено истакна дека станува збор за играч кој знае да го користи телото, кој бил фокусиран и кој токму поради тој фокус изнудил неколку фаули во напад.
Наваро зборуваше и за минутите на Чима Монеке, потенцирајќи дека конкуренцијата во составот е голема. Објасни дека тимот има многу играчи и дека, кога ќе се вратат високите кошаркари, Семи повторно ќе се врати на позицијата крилен центар, што дополнително ја усложнува распределбата на минутите.
На крај, тренерот ја допре и темата за новиот играч, како и за Ебука Изунду. Наваро појасни дека ростерот е составуван така што тимот има по тројца играчи на речиси секоја позиција, освен на позицијата „петка“. Додаде и дека Изунду можел да настапи на овој меч, но стручниот штаб проценил дека натпреварот би бил преголем напор за неговиот зглоб. Според најавата на тренерот, Изунду треба да игра на следниот натпревар.