
Вилијамс ќе одбележи 50 години од своето присуство во Формула 1 со серија настани во текот на целата година, а главниот момент ќе биде специјална изложба во Лондон.
Настанот ќе се вика „W50 Live“ и ќе се одржи на 26 Leake Street во центарот на Лондон, во близина на познатиот тунел кај Ватерло. Таму ќе бидат изложени шест болиди кои имаат важно место и во историјата на Вилијамс и во историјата на Формула 1, а ќе има и Ф1 шоу-болид со новиот изглед на тимот за 2027 година.
Од тимот официјално потврдија и дека натпреварувачкиот болид со таа ливреја ќе го носи името FW50.
Со тоа Вилијамс останува верен на препознатливата ознака „FW“, посветена на основачот Френк Вилијамс. Воедно, тимот ќе го прескокне името FW49 за симболично да ја нагласи 50-годишнината од својата прва трка во Формула 1 во 1977 година, кога настапуваше како Williams Grand Prix Engineering.
Изложбата ќе биде отворена за публика од 11 до 28 февруари, а влезот ќе биде со билети.
Меѓу експонатите ќе биде и FW06, првиот Ф1 болид произведен од Williams Grand Prix Engineering. Ќе бидат изложени и FW11B, FW14B и FW19 – болиди со кои Нелсон Пике во 1987, Најџел Менсел во 1992 и Жак Вилнев во 1997 стигнаа до шампионски успеси.
Останатите два избрани болиди исто така носат посебна тежина во Формула 1. FW25 од 2003 година го постави рекордот за највисока просечна брзина во историјата на Ф1, остварен од Хуан Пабло Монтоја, рекорд што опстана 17 години. Од друга страна, FW38 од 2016 и понатаму го држи рекордот за највисока брзина некогаш достигната од Ф1 болид, откако Валтери Ботас возеше со 378 км/ч за време на гранпри викендот во Азербејџан.
Како дел од јубилејната програма, навивачите ќе добијат можност да го изберат изгледот на болидот за домашната трка на тимот – Британското ГП во Силверстоун. Според најавите, тоа треба да вклучи целосен визуелен идентитет, од болидот до тркачките комбинезони на Алекс Албон и Карлос Саинц, тимската опрема и гаражата.
Вилијамс најави и ограничена серија сувенири посветени на најзначајните моменти, личности и дизајни од својата историја. Меѓу нив ќе биде и специјално издание на W50 Monopoly, кое треба да се појави во продажба пред Божик.
Од тимот порачаа дека во наредните месеци ќе откријат уште повеќе детали поврзани со 50-годишнината.
Претпродажбата на билетите за „W50 Live“ ќе почне подоцна овој месец. Членовите на W Club ќе имаат пристап од 26 октомври, додека општата продажба стартува на 29 октомври.