
Кога Дражен Петровиќ во 1989 година пристигна во Портланд Трејл Блејзерс, дојде како најдобар европски кошаркар. Сепак, во плановите на тренерот Рик Аделман, за него немаше вистинско место.
Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст
Во 79-та година од животот почина Рик Аделман, член на Куќата на славните на кошаркарската историја и еден од најпочитуваните тренери во историјата на НБА. Неговата повеќедецениска кариера е обележана со повеќе од илјада победи, два финалиња со Портланд Трејл Блејзерс и создавање на легендарниот тим на Сакраменто Кингс, познат како „Најголемото шоу на теренот“. Но, имињето на Аделман во овој дел од светот ќе остане запамтено по две приказни: успешната соработка со Владе Дивац и Пеџа Стојаковиќ, и пропуштената можност со Дражен Петровиќ, кој му беше првиот тренер во Америка.
Несогласувања во Портланд и разочарувањата на Дражен
Кога Дражен Петровиќ во 1989 година пристигна во Портланд Трејл Блејзерс, дојде како најдобар европски кошаркар. Сепак, во тактичките замисли на Рик Аделман, немаше простор за него. Хрватскиот кошаркарски Моцарт во својата прва сезона во просек играше скромни 12,6 минути по натпревар. Тогашниот состав на Блејзерс беше полн со ѕвезди, а бековските позиции беа цврсто заземени од Тери Портер и Клајд Дрекслер. Пред почетокот на втората сезона на Дражен, тимот го донесе ветеранот Дени Ејнџ, што уште повеќе ја намали улогата на Петровиќ. Неговото незадоволство растеше од натпревар во натпревар, а својата ситуација ја опишуваше со горчлива иронија.
Не знам. Не можам да го променам мислењето на Аделман за мене. Како се чувствувам? Одлично! Седам на клупата, никој ништо не ме прашува. Давам неколку коша на крајот од натпреварот… Во суштина, ако смем да кажам, јас сум најплатениот играч во НБА. Заработувам милиони долари за пет минути по натпревар… пет минути, ако Аделман е расположен и резултатот е поволен.
Рик Аделман никогаш јавно не го критикуваше трудот на Дражен, но не му објасни зошто не игра. Во ноември 1990 година, откако одигра само 11 минути во шест натпревари, Петровиќ побара размена, заканувајќи се дека ќе се врати во Европа ако неговата желба не биде исполнета. Реакцијата на Аделман беше ладна и омаловажувачка, а неговите зборови влегоа во историјата како едно од најголемите недооценивања на талент во историјата на лигата.
– Бидете реални. Говориме за момче кое минатата година постигнуваше седум поени по натпревар. Тоа не е all-star играч. Имаме многу играчи пред него кои се исклучително добри. Кој вели дека нешто слично не може да му се случи и на друго место? Мислам дека добива многу лоши совети.
“Токму што разменивме all-star играч”
Иако Дражен по разговор со тренерот и извинување преку адвокат привремено го повлекол барањето за размена, заминувањето од Портланд беше неизбежно. Во јануари 1991 година, Блејзерс го пратија во Њу Џерси Нетс. Еден од ретките во Портланд кој сфати каков играч губат беше капитенот на тимот Клајд Дрекслер. Тој дури му предложи на Аделман да ги стави заедно со Дражен на теренот, но тренерот не го послуша. При заминувањето на Дражен, Дрекслер пророчки изјави: “Токму што разменивме all-star играч”. Ова се покажа како точно. Во Нетс, кариерата на Петровиќ блесна. Стана еден од најдобрите шутери во лигата, а во сезоната 1992/93 беше избран во третата најдобра петорка на НБА со просек од 22,3 поени по натпревар, пред неговиот живот трагично да заврши во сообраќајна несреќа во јуни 1993 година.