Ливерпул го победи Манчестер Јунајтед со 3:0 на „Олд Трафорд“ во третото коло од Премиер лигата. Луис Дијаз постигна два гола, во 35. и 42. минута, додека третиот Мохамед Салах во 56. минута.
Трагедија на натпреварот беше искусниот бразилски играч за врска Касемиро, кој направи две грешки во првото полувреме и на тој начин му овозможи на гостинскиот тим да постигне два гола и да го реши натпреварот.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Избраниците на тренерот Арне Слот, кој летово го наследи Јирген Клоп, имаат максимални девет бода и се на второто место со гол разлика 7:0, зад Манчестер Сити, кој исто така има три победи, но со гол разлика од 9:2. Ова беше втор пораз за Јунајтед, па со три бода е на 14. позиција.
Тренерот на Јунајтед, Ерик тен Хаг даде изјава по поразот. Холандскиот стручњак е убеден дека неговиот тим има шанси да го освои трофејот оваа сезона. Тој не сака да гледа негативно на натпреварот со Ливерпул и порача дека никој не треба да очекува од него магични резултати.
„Јас не сум Хари Потер, мора да признаете. За тројца играчи ова беше прв пат да ја започнат оваа сезона. Мануел Угарте (нов играч, претставен пред натпреварот со Ливерпул) не играл ниту една минута. Мора да влезе во форма и потоа ќе најдеме место за него во тимот. Сигурен сум дека ќе придонесе за нас, но ќе бидат потребни неколку недели, можеби дури и еден месец, тоа важи за сите играчи“, изјави Тен Хаг.