
Директорот на Барселона, легендарниот Деко, потврди дека каталонскиот клуб се обидел да го ангажира Лаутаро Мартинез ова лето, но Интер не сакаше да го продаде.
Приказната за трансферот се појави во шпанските и аргентинските медиуми откако Атлетико Мадрид ги спречи Барселона да го ангажираат нивниот прв избор, Хулијан Алварез. Но, италијанските извори цело време беа уверени дека Лаутаро нема да го напушти Интер.
Се покажа дека тие биле во право, бидејќи напаѓачот е капитен и клучен играч на екипата што минатата сезона ја освоија Серија А и Купот на Италија, а со аргентинската репрезентација стигна и до финалето на Светското првенство.
“Лаутаро е идол во Интер и многу го почитуваме тоа. Сметам дека е фантастичен фудбалер, спектакуларен, икона, легенда на Интер и нивен капитен”, изјави Деко за Sky Sport Italia.
Барселона мораше barем да се обиде да го доведе центарфорот кој беше и најдобар стрелец на Серија А минатата сезона.
“Кога ни соопштија дека не е на продажба, не продолживме понатаму и не разговаравме повторно по таа тема. Се трудиме работите да ги правиме отворено и фер. Понекогаш во медиумите има шпекулации, но клубовите знаат како навистина стојат работите”, додаде Деко.
Шпанските медиуми тврдеа дека Лаутаро Мартинез и неговите претставници веќе договориле лични услови со Барселона.
“Видете, вистина е дека Лаутаро Мартинез беше еден од играчите за кои сметавме дека може да се вклопи во Барса. Сепак, откако мојот претседател разговараше со претседателот на Интер, ни беше кажано дека не е достапен и го почитувавме тоа и не отидовме понатаму. Ниту еднаш не контактиравме со играчот или неговиот агент”, изјави Португалецот.
Сепак, тој не ја исклучи можноста Барселона да се обиде повторно да го привлече Лаутаро Мартинез во иднина.
“Тој е играч кој ни се допаѓаше и се уште ни се допаѓа. Лично многу ми се допаѓа”, беше јасен Деко.