„Боби е тука три натпревари, дојде после споменатото заминување на човек како Пандев. Затоа дефинитивно не треба веднаш да се фрла со „дрва и камења“ по него, јавноста е незадоволна затоа што играме мундијалски квалификации и потребни се бодови, но промени некогаш мораат да се случат. Играта е тоа што дава надеж дека ќе дојдат и головите, а со нив и победите…Да почекаме!“
Вака беше завршен претходниот мој текст за септемврскиот циклус (тука) …Милевски сега веќе почнува да ги решава проблемите, пред се ефикасноста за која најмногу се критикуваше.
Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Критиките ако се добронамерни секако треба да ги има и да се прифаќаат само така ќе можат да се поправаат недостатоците, јавноста е тука да укажува на она што го забележува, меѓутоа понекогаш и знае да се претера.
Во последните два натпревари можеше да се забележи и дека ефикасноста почнува да се подобрува и не е толку голем проблем, ќе видиме дали така ќе биде во иднина. Против Ерменија постигнавме пет гола од вкупно осум удари, игравме сигурно и знаевме што сакаме пред голот. Вчера против Исланд создадовме повеќе прилики од кои три реализиравме, а имавме и еден поништен гол за милиметарски офсајд. Една Романија остана без бараж затоа што на овој Исланд не можеше да му даде гол пред само неколку дена.
Осум гола во двата последни натпревари е добра најава за баражот каде што реално е да очекуваме и посилен противник. Сепак, Македонија е во бараж, бараж за Мундијал – за првпат во историјата! И тоа секако е голем успех, се понатаму ќе биде испишување на нова историја.
Простор за напредок има тоа го нагласи и слекторот на вчерашната прес-конференција.
„Не сме стигнале до нивото кое јас го посакувам затоа што знам дека овие момци имаат потенцијал уште да напредуваат. Верувам дека во претходните натпревари веќе се забележа дека играме како екипа, простор за напредок секако има“…
Но, сега да уживаме во овие моменти, момците ја почувствуваа поддршката, Арената беше исполнета (колку што беше дозволено поради ковид-мерките) и сигурно дека ќе продолжат да не радуваат!
Пишува: Стефан Даскалов
Фото: ФФМ