Дома Фудбал Останато Човекот кој ја однесе Шпанија до светскиот и европски трон пред македонската јавност откри детали од големата кариера!

Човекот кој ја однесе Шпанија до светскиот и европски трон пред македонската јавност откри детали од големата кариера!

Едно од најголемите имиња во фудбалот Висенте Дел Боске денес беше гостин на ФОН Универзитетот каде што откри интересни детали од неговата богата и блескава кариера.

За човек како Дел Боске не треба да се трошат премногу зборови, неговото име е поим во фудбалот само по себе. Доволно зборува фактот што тој е единствениот тренер во историјата на фудбалот кој успеал да стане светски и европски шампион и да стигне до титулата во Лигата на шампионите и Интерконтиненталниот куп.

Во продолжение ви пренесуваме се што Дел Боске раскажа за присутните…

Дали Дел Боске го следи фудбалот во Македонија, може ли да се направи споредба ?

Фудбалот е сличен секаде, сите можат да играат фудбал. Македонија играла со Шпанија и во натпреварот во кој изгуби со 3:2 покажа дека може да се надигрува. Сега имате прилика да се пласирате и на Европското првенство, тоа ќе биде голем чекор напред.

Раул Гонзалес е дете на Реал Мадрид, тим каде што вие поминавте 36 години. Во 2009 година имаше одлична сезона во Шалке, сепак вие не се одлучивте да го повикате на Светското првенство во 2010 година каде што Шпанија стана светски шампион, зошто?

Сите во животот и кариерата правиме грешки. Кон Раул имав посебна љубов затоа што е дете на Реал Мадрид. Одлуката да не го повикам беше навистина тешка, но секогаш морате да биде професионалец и да гледате за доброто на тимот. Фудбалерите мораат да се трудат да го дадат најдоброто од себе, додека одлуките на крајот се знае кој ги носи.

Шпанија беше погодена од голем скандал кога претседателот Анхел Марија Вилјар под сомневање за вмешаност во корупција и местење натпревари беше уапсен. Какво е вашето мислење на оваа тема?

Кога една земја има успех на репрезентативен и клупски план не можеме да збориме за некаков скандал додека со факти не се покаже спротивното. Во Шпанија секој викенд се играат голем број натпревар и секако дека може да се случи некаков пропуст, но јас мислам дека фудбалот во Шпанија функционира одлично и резултатите се дополнителен доказ за тоа.

Флорентино Перез ви даде отказ од Реал Мадрид откако станавте шампиони во Ла Лига и Лигата на шампионите. Како се чуствувате во тие моменти и дали разговарате со Перез денес?

Во Реал Мадрид бев 36 години. Дојдов како дете, а си заминав како возрасна и зрела личност. Секако дека чуствував голема болка, сигурен сум дека на никој не би му било сеедно. Меѓутоа времето лечи се, а фудбалот е за да се радуваме, а не да тагуваме поради него. Со Перез денес не разговарам.

После големиот успех во 2010 и 2012 може да се забележи пад во репрезентацијата на Шпанија. Можете ли да кажете зошто се случи тој пад?

ФИФА има многу членки, а на крајот само една земја е најдобра исто е и во Европа со УЕФА. Шпанија некогаш била најдобра, денес друга селекција е на врвот, работите се менуваат. Некакви спортски причини сигурно име, меѓутоа јас од оваа преспектива тешко би можел да кажам во што е работата. Селекторот секогаш е еден од виновниците ако работите не одат како што треба.

Што мислите за трансфер лудилото и астрономските суми во денешниот фудбал?

Постојат правила и закони кои мораат да се почитуваат, меѓутоа фудбалот е универзален спорт и тешко може работите да се контролираат. Денес се случува нешто кое во минатото не можеше да се замисли, ќе видиме до каде можат да одат работите.

Какво е вашето мислење за Зинедин Зидан. Беше подобар тренер или подобар играч?

Јас Зидан повеќе го знам како играч, тогаш беше фантастичен, меѓутоа успехот кој го прави со Реал Мадрид покажува дека и голем тренер. Тешко би можел да кажам каде е подобар.

Тренерите денес?

Денес гледаме многу тренери како трчаат покрај аут линијата и прават театар за публиката. Според мене тие повеќе треба да посветат внимание на тактиката пред натпревар и на она што нивните играчи го прикажуваат на теренот.

Каде дел Боске ја пронаѓа мотивацијата после тешките моменти?

Треба да ја сакаш победата и да целиш само кон неа, да не мислиш што лошо може да ти се случи. За време на натпреварите има моменти кога емоциите не можат да се задржат. Кога Иниеста постигна гол во финалето јас направив реакција и се израдував. Наредниот ден кога ја гледав снимката си реков – ова не сум јас. Значи тоа е магијата на моментот и доаѓа сама по себе. Пасијата и љубовта е тоа што треба да ве води во тешките моменти, тие мораат да бидат поголеми од моментите кога работите не се какви што посакуваме.

Подготви: Стефан Даскалов

Коментари
Advertisements
Прочитајте поврзани статии
Load More In Останато

Проверете

Видео: Историска ноќ за Аталанта, Мурињо не е тоа што беше

Аталанта запиша историски триумф над Валенсија (4:1) во првиот осминафинален дуел во ЛШ. М…