Вардар вчера уште еднаш ја направи Македонија горда, хероите во црвено-црно и овој пат и покажаа на Европа дека во тој дрес има нешто посебно.
Ретко кој дури и најголемите оптимисти пред почетокот на сезоната тешко дека веруваа во вакво чудо кое денес е реалност.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Се сеќаваме како се најавуваше распад на моќниот Вардар кога си заминуваа некои од главните играчи, како и тренерот Раул Гонзалез…Се сеќаваме како ЕХФ не го рангираше Вардар ниту во топ 10 фаворити за настап на фајнл-фор турнирот во Келн…Се сеќаваме и дека македонските телевизии не веруваа, па сега мораме да ја слушаме македонската гордост со српски коментатор кој рака на срце коментира фантастично со многу емоции.
Малкумина веруваа, но Вардар не се предаваше. Заминуваа играчи, а на крајот како „шлаг на тортата“ пред крајот на сезоната дојде и објавата дека Сергеј Самсоненко се повлекува и дека повеќе нема да инвестира за моќен Вардар.
Од тој момент на големо уште повеќе започна да се пишува дека Македонија ќе изгуби нешто многу вредно, а Вардар како и многу пати до сега се издигна како феникс и кога беше најтешко го прегази ПИК Сегед во Скопје, подоцна ја одбрани предноста во Унгарија и се пласираше на фајнл-фор турнирот.
Ждрепката ги спои со моќната Барселона, а македонската јавност започна да се надева дека тоа можеби е некаков знак за повторување на шампионската 2017 година, иако Каталонците беа најголеми фаворити за титулата во Келн.
Натпреварот не започна онака како што се надевавме Вардар промашуваше, а Барселона правеше разлика која изгледаше недостижно. На полувремето направија седум гола разлика. Поразителен беше податокот дека ниту еден тим претходно не губел со толкава разлика на полувреме на еден фајнлфор турнир. Толкава разлика и пред вас стои една моќна Барселона, се изгледаше како завршено…
Изгледаше – но не заврши!
На сцена во вториот дел стапи она „посебното“ кое го има црвено-црниот дрес и од немоќ започнавме да гледаме црвено-црна рапсодија.
Колкав успех направи Вардар зборуваат и насловите во регионот кој со воодушевуање и чудење пренесуваа за епскиот пресврт кој го направи Вардар во Келн…
Веројатно не постои ниту еден друг клуб во светот каде што играчите земале една цела плата во текот на цела сезона како што изјави Парондо пред неколку недели да направи нешто вакво и не само во ракометот, туку и во било кој друг спорт. Самото тоа е доказ дека Вардар бил и ќе биде нешто посебно!
Затоа херои, денес Македонија одново ќе биде со вас и ќе се радува на секој ваш гол и секоја одбрана…ВЕ ЧЕКАМЕ СО ЕВРОПСКА ТИТУЛА, НО И БЕЗ НЕА ВИЕ СТЕ НАШИТЕ НАЈГОЛЕМИ ШАМПИОНИ!
Пишува: Стефан Даскалов.