Францускиот фудбалер Килијан Мбапе, кој постигна два гола на натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Бетис во неделата навечер, изрази задоволство од постигнатите голови, додавајќи дека треба целосно да се прилагоди на својот нов тим Реал Мадрид, објавија денеска француските медиуми.
Фудбалерите на Реал Мадрид на свој терен го победија Бетис со 2:0, во натпреварот од четвртото коло на шпанската Примера. Двоен стрелец за Реал беше Мбапе во 67. и 75. минута.
Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Мбапе, кој беше особено критикуван во шпанските медиуми поради тоа што во првите натпревари од Ла Лига не постигна гол, изјави дека е задоволен од играта и дека не бил оптоварен со таквата ситуација.
Францускиот фудбалер оцени дека играчот треба целосно да се прилагоди во новиот тим и дека тоа е единствениот „притисок што си го наметнува“ бидејќи смета дека е важно да има добра комуникација со сите во тимот.
„Се чувствувам добро во тимот иако знам дека можам подобро. Постигнувам голови и знам дека ќе продолжам да го правам тоа“, додаде Мбапе.
Во следното коло Реал Мадрид му гостува на Реал Сосиедад, додека Бетис го пречекува Леганес.