Стартот на новата сезона во Супер-лигата е одложен за недела, кога Тинекс Пролет ќе му гостува на тимот на Металург. Ова ќе претставуваа суперлигашко деби на Андон Бошковски на клупата на Тинекс Пролет, откако овој стручњак забележа една победа на двомечот од квалификациите за Лигата на Европа против шпански Гранолјерс.
Бошковски минатата сезона ја почна како кормилар на проектот Голден Арт КЛ7, давајќи значаен придонес во развојот на младите ракометари. Тој на почетокот од 2021 година си замина од скопскиот клуб и се пресели во Радовиш, каде со серија одлични резултати го извлече овој тим од работ на амбисот и обезбеди опстанок во елитното друштво.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
„Двомечот со Гранолјерс е нешто од што ќе извлечеме поука. Првиот натпревар го загубивме преубедливо, мислам дека никој не може да те победи 15 гола разлика ако самиот себе не се победиш. Го преценивме противникот, а потоа кога ќе влезеш во дупка уште повеќе тонеш. Самите си бевме виновни, направивме премногу грешки што тим како Гранолјерс знаеше како да ги искористи и казни. Не сменивме премногу во тие 24 часа, едноставно укажавме на грешките и кога се вративме на терен за вториот натпревар, ги избистривме главите и делувавме посамоуверено во сопствените квалитети“, го анализира Бошковски двомечот со шпанскиот состав.
Сега на ред е почетокот на сезоната, во која желба на сите во клубот е да биде одбрането она трето место освоено во минатиот шампионат.
„Имавме проблеми со изолација на десет ракометари по враќањето од Шпанија, што го поремети ритамот на тренинзи, но оптимист сум дека ќе успееме да го надминеме и тоа и експресно да се вратиме во посакуваниот ритам. Пред нас е првенство за кое не велам дека е најквалитетно во последните десетина години, но според мене сигурно ќе биде најинтересно. Задоволен сум од начинот на кој работеа играчите во целиот подготвителен период и мислам дека спремни го дочекуваме стартот“, истакнува Андон Бошковски.
Целиот разговор на Бошковски за официјалниот сајт на Тинекс Пролет можете да го прочитате – тука.