Македонскиот ракометен суперлигаш, Тинекс Пролет кој има четири порази во првите пет натпревари од плеј-офот реагираше на судењето на изминатите натпревари.
Денеска со соопштение се жалат на судењето на три од претходните натпревари, иако на една од тие средби (против Бутел 20:18) излегоа како победници. Тие сметаат дека најмногу се оштетени во натпреварот против Пелистер (29:32). Фаворитот тука го скрши отпорот во последните десетина минути.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
За преостанатиот натпревар против Охрид (28:32) сметаат дека судиите направиле дури 18 грешки на штета на нивниот тим.
„Ова веќе станува ненормално. Од натпревар во натпревар судењето е се покатастрофално за Тинекс Пролет. Она што го правеа судиите со Бутел, а успеавме да победиме, како да беше најава за сето она што ни се случуваше на последните две средби. Едно е да постои одредена погрешна проценка, две-три судиски грешки се нешто сосема нормално на секој натпревар, но 18 на еден дуел како овој со Охрид. Дефинитивно, ние сме сведоци на судиски криминал кој ја минува секоја граница и сметаме дека мораме да реагираме бидејќи ако овој тренд продолжи, ракометниот спорт ќе почне да тоне. Свесни сме за своите квалитети и веруваме дека (особено на домашен терен) можеме да се носиме со секого. Јавно прашуваме, зошто послабиот да не може да го победи посилниот, само затоа што судиите така ќе одлучат, секогаш во корист на финансиски помоќните клубови, а на штета на ракометниот спорт“, вели Сашо Огњеновски, директорот на Тинекс Пролет.
еднаш по мечот со Охрид раководството на Тинекс Пролет најави жалба, што сепак не беше испратена.
„Тоа е главниот проблем, што судиите се неказниви и како такви сите нивни грешки се ставаат под тепих. Па сведоци бевме ланската сезона на катастрофална грешка на истиот судиски пар, Металари – Николовски, на нашиот дуел со Бутел. Тогаш ние за доброто на ракометот настапивме во спортски дух, за тие судии сезонава да продолжат во ист стил, дури и полошо делејќи ја правдата на нашите натпревари. Не гледаме потреба да се жалиме кога никој не казнува судии. Нив ги делегира комисија, од која едниот член е активен судија, а другиот е активен делегат, меѓу другото и татко на еден од спорните судии за нас. Тоа е причината поради која не поднесовме жалба, кој може да ги казни и кој воопшто треба да ги казни. Не гледаме поента со регуларни жалби, па наместо тоа, решивме како клуб со видео-записи да ги објавуваме сите судиски грешки на нашите натпревари, како доказ за криминалите против Тинекс Пролет. Секоја наредна кражба ќе ја објавуваме на ист начин, преку нашата веб-страница и профилите на социјалните мрежи, за целата јавност да биде сведок на матните игри на штета на нашиот клуб. Сакам да потенцирам, во македонскиот ракомет има и исклучително квалитетни судиски парови кои професионално и достојно си ја вршат работата и вистинска штета е што нашиот спорт станува заложник на само неколку двојки кои си земаат за слобода да го кројат изгледот на табелата. За доброто на ракометот, тоа мора да престане“, порачува Огњеновски.
За крај, Тинекс Пролет порача дека секој следен сличен криминал на штета на Тинекс Пролет ќе биде испратен и до ЕХФ, бидејќи станува збор за судии со значки од европската ракометна федерација.