Кошаркарите на Денвер Нагетс како гости ги совладаа Мајами Хит со резултат 109:94 и поведоа со 2-1 во финалето на НБА.
Најдобри на паркетот беа Џамал Мареј и Никола Јокиќ кои остварија трипл-дабл учинок.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Денвер Нагетс го вратија изгубениот брејк во финалето на НБА. По два натпревари во Колорадо и една победа на двете страни, Нагетс од синоќа повторно имаат водство.
Мајами едноставно не можеше да направи ништо повеќе против расположениот двоец Џамал Мареј – Никола Јокиќ. Двајцата имаа трипл-дабл учинок со нов рекорд на феноменалниот Србин.
Мајами го контролираше резултатот во почетните минути. Ја имаа домашната предност, но Нагетс во еден момент поведоа, а по првата четвртина резултатот беше израмнет, 24:24.
Резултатска клацкалка беше видена и во вториот дел. Екипите имаа свои периоди на игра во кои беа подобри, но гостите од Колорадо одиграа многу добра завршница на овој период и на пауза одат со пет поени предност, 53:48.
Третиот период се покажа како клучен на овој натпревар. Нагетс ја зголемуваше предноста, разликата набрзо станува двоцифрена, во тие моменти се искачи на плус 19 и јасно беше дека Денвер ита кон победа.
По три периоди гостите имаат 14 поени предност, 82:68, а тоа стана недостижно за Мајами Хит во последниот период.
Домашниот тим во еден момент успеа само да го намали водството на едноцифрена разлика, но тоа беше се и Нагетс славеа победа со резултат 109:94.
Џамал Мареј беше најефикасен поединец на натпреварот со 34 поени. На овој настап додаде 10 скока и асистенции. Сепак, главната приказна повторно е Никола Јокиќ. И повторно забележа трипл-дабл и тоа историски.
Неговите 32 поени, 21 скок и 10 асистенции го направија првиот човек со повеќе од 30 поени, 20 скока и 10 асистенции во еден натпревар од финалето на НБА.