
Фудбалските кругови на Островот кружат со вест што, ако се реализира, би се почувствувала како експлозија. Жозе Мурињо наводно е подготвен да се врати на кормилото на Челзи. Откако Енцо Мареска беше отпуштен поради серија слаби резултати, лондонскиот клуб бара ново решение, а името на “Посебниот” повторно се спомнува.
Иако неговото име засега не фигурира меѓу официјалните кандидати на Стемфорд Бриџ, информациите велат дека Мурињо е подготвен без многу размислување да ја напушти клупата на Бенфика и да се врати во Лондон ако добие вистинска понуда.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
“Жозе Мурињо сака да се врати како тренер на Челзи и подготвен е да ја преземе таа улога ако му се јават. За него, Челзи е вистинска љубов, но изгледа дека тоа не е заедничко чувство. Челзи сака модерен тренер”, пишува Football365. И покрај богатата историја и силните емоции, се чини дека управата на клубот има поинакви планови, па враќањето на Мурињо моментално е повеќе во сферата на романтиката отколку на реалните сценарија.
Мурињо го водеше Челзи во два наврати. Првиот пат пристигна во 2004 година и во соработка со Роман Абрамович го врати клубот на врвот на англискиот фудбал по половина век чекање, а замина во 2007 година. Вториот мандат го започна во 2013 и заврши во зима 2015 поради пад во резултатите. Во синиот дел од Лондон освои три титули од Премиер лигата, ФА купот, три Лига купа и Комјунити Шилд.
Португалскиот стручњак ја започна сезоната на клупата на Фенербахче, но брзо беше сменет, за да потоа го преземе Бенфика, клубот во кој ја започна својата тренерска кариера. Тој градеше кариера и во Порто, Интер, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, Тотенхем и Рома.