
По неговите два гола на мечот Гампер, реакциите на Фермин Лопез предизвикаа дискусии за неговата иднина, но тој брзо ги исклучи сите сомнежи. “Сакам да останам тука, тоа е мојата желба. Нека се спокојни фановите, ќе продолжам,” изјави играчот за ТВ3, откако беше прогласен за играч на натпреварот, пишува AS.
Ситуацијата со младиот играч е многу интересна. Неговиот договор беше неодамна продолжен до 2029 година, со клауза за откуп од неверојатни 500 милиони евра, а клубот го смета недопирлив. Тренерот Ханси Флик, иако не го гледа како несомнен член на првата постава, го смета за фундаментален дел од тимот и не размислува за негово заминување. И самиот играч, иако не секогаш има доволно минутажа, не размислува да ја смени средината.
ВАР во македонскиот фудбал – Разговор со Дејан Јакимовски | Уште еден поткаст
Фермин е свесен за своето значење за тимот, како на теренот, така и во соблекувалната, каде што со својата страст го подигнува моралот на соиграчите. Покрај тоа, тој е еден од најефикасните играчи, што му носи голема побарувачка на пазарот.
Неговите настапи не поминаа незабележано. Манчестер Јунајтед и Челзи во минатите месеци контактираа со неговиот агент за да побараат информации за 22-годишниот шпански репрезентативец. Се разбира, пристигна и повик од Саудиска Арабија, кој би му донел значителни финансиски подобрувања.
Фермин е свесен дека со заминување би можел значително да ги зголеми своите примања, а Барселона би добила финансиско олеснување и многу потребен простор во рамките на “фер плејот”. Сепак, засега сите страни успеаја успешно да го издржат “искушението”, на големо задоволство на тренерот Флик.