Бен Шелтон првпат во неговата кариера се избори за место во полуфиналето на Австралијан Опен. Американецот по голема борба го победи Италијанецот Лоренцо Сонего со резултат од 6:4, 7:5, 4:6, 7:6 (7:4). Неговиот противник за место во финалето ќе биде победникот од натпреварот Синер – Де Минаур.
Во првиот сет одлуката падна во деветтиот гем кога Шелтон ја искористи третата брејк топка за водство од 5:4, а потоа на свој сервис оствари предност од еден сет.
Викендов најинтересно во Серија А и на СП во ракомет ↓↓↓
Повеќе возбудувања имаше во вториот сет. Американецот му го одзеде сервисот на ривалот за 4:3, имаше на 5:4 и сервис за 2:0 во сетови. Успеа Сонего да врати брејк, но во наредниот гем повторно на сцена беше Шелтон. Ја искористи брејк топката за 6:5, а потоа реализира и сет топка за 7:5.
Италијанецот не се предаде. Во третиот сет, каде што до десеттиот гем не се виде брејк топка, нападна во моментот кога Шелтон сервираше за останување во тој дел од играта. Првата брејк и сет топка не ја искористи, но втората ја искористи и намали на 2:1 во сетови.
Сервисерите беа сигурни во четвртиот сет, па одлуката падна во тај-брејк. Двајцата беа малку нервозни, се видоа дури пет мини брејкови. Сонего на 4:4 направи голема грешка, ја удри волеј топката во мрежата и практично тоа беше крајот. Со одличен сервис и форхенд винер Шелтон дојде до вредна победа.