
Младиот холандски тренер Марк ван Бомел можеби ова лето ќе ја прекине едногодишната пауза и ќе ја преземе екипата на Парма, бидејќи според извори на Џанлука Ди Марцио, е во преговори за позиција во стручниот штаб на “млекарите”.
Поранешниот репрезентативец на Холандија е без ангажман од крајот на мај минатата година кога го напушти белгиски Антверпен, а претходно ја водеше екипата на Волфсбург и ПСВ Ајндховен.
Сè што треба да знаете за НОВИОТ формат на Светското клупско првенство! ↓↓↓
Сега можеби ќе седне на испразнетата тренерска позиција во тимот кој едвај го зачува местото во лигата, а остана и без тренерот Кристијан Киву кој се префрли во Интер на местото на Симоне Инзаги.
Истите извори потсетуваат дека Ван Бомел беше голема желба на раководството на Парма уште во јануари, пред Киву да биде официјализиран како тренер.
Како главен конкурент на младиот холандски стратег се наведува поранешниот капитен и тренер на Рома, Даниеле Де Роси, но според извори на Ди Марцио, странски тренер во моментот е приоритет и јасно е дека сите адути одат во правец на Ван Бомел.
Освен личните услови на тренерот, кои ќе бидат суштината на разговорите, најголема пречка во моментот би требало да биде интересот на амбициозната Пиза, па останува да се види дали Ван Бомел ќе замине кон Тоскана или Емилија-Ромања.