
Поранешниот австриски тенисер и актуелна телевизиска ѕвезда на реалити шоуа Даниел Келлерер (41), познат како “Лудиот Дани”, се соочи со сериозни проблеми во банката – му се замрзнати сметките поради сомневање за вмешаност во перење пари.
“Ова не може да биде реалност”, изјавил Келлерер во емотивно и гневно интервју за австрискиот Кроне Цајтунг, наведувајќи дека не може ни казна за паркинг да плати оти на сметката има нула денари.
Дејан Димовски: Скопје троши 700 литри вода дневно по жител | Уште еден поткаст ↓↓↓
Како причина за блокирањето, Келлерер наоѓа сомнежи за неправилности во неговите финансиски трансакции. Банката му наложила да поднесе докази за дури 216 трансакции на неговата сметка, од 1 јануари 2024 до 28 мај 2025 година.
“Тоа вклучува и 30 евра што ги префрлив на ќерката за Велигден и 85 евра кои ми ги врати бидејќи и позајмив пари за облека”, се пожали поранешниот тенисер.
Меѓу малите семејни трансфери, имало и поголеми суми кои го привлекле вниманието на автоматските безбедносни системи на банките.
“Подигнав 3.000 евра за казино, а следниот ден уплатив над 4.000 евра. Јасно е од каде доаѓаат тие пари. Исто така сум повлекувал средства од криптовалутни паричници – ништо невообичаено”, вели Келлерер кој тврди дека има обемна документација за сето тоа.
Според неговите зборови, поднел дури 816 страници докази, вклучително и документи од онлајн обложувалници, но разјаснувањето на ситуацијата сѐ уште трае.
Од Спаркесе ОО накратко изјавија дека, поради банкарска тајност, не можат да коментираат конкретни случаи, но објаснија како функционираат проверките за усогласеност.
“Сите банки се законски обврзани да пријават необични трансакции, како големи готовински уплати или нетипични меѓународни трансфери”, наведуваат од банката, истакнувајќи дека проверките ги вршат автоматизирани системи, а не конкретни службеници.
Иако не може да располага со средствата, Келлерер истакнува дека осигурувањето, алиментацијата и отплатите за куќата сѐ уште се активни, што, како што вели, е спас во хаосот.
“Не можам да подигнам пари, но барем тие обврски се исполнуваат. Инаку, тоа би била целосна катастрофа”, вели поранешниот тенисер кој во 2011 година беше доживотно суспендиран од тенис поради местење натпревари.
За сега, сѐ останува неизвесно – Даниел “Лудиот Дани” Келлерер мора да чека разјаснување, додека системот се обидува да одлучи дали станува збор за недоразбирање или за нешто многу посериозно.