
Поразот по изведување пенали откако имаше предност од три гола против Ливерпул во финалето на Лигата на шампионите во Истанбул 2005, покажа дека Карло Анчелоти е човек од „крв и месо“, но пред две децении тешко дека можеше да предвиди дека ќе постои човек кој ќе му направи повеќе проблеми од Рафаел Бенитез.
Оваа сезона сме сведоци дека доби убедливо најнепријатниот конкурент во богатата тренерска кариера откако го победи Ханси Флик со Барселона двапати со вкупен резултат од 9:2.
Ливерпул викендов може да ја освои титулата во Премиер лига ↓↓↓
Најголемите два шпански клуба Реал Мадрид и Барселона се среќаваат вечерва од 22 часот во Севиља во финалето на Купот на кралот каде Анчелоти има можност да направи нешто несекојдневно – да му нанесе прв удар на неговиот колега Флик во одлучувачки натпревар за трофејот.
За многумина 2020 година беше маќеа, но за сегашниот тренер на Барселона беше „фудбалска мајка“ затоа што на клупата на Баерн Минхен освои сè што можеше да се освои.
Сè започна по триумфот во германскиот куп против Бајер Леверкузен, потоа со победата во лисабонското финале на Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен.
Потоа следеа триумфи против Севиља во финалето на Европскиот Суперкуп, па Борусија Дортмунд во финалето на Германскиот Суперкуп за да ја заокружи бериќетната епизода во Бајерн со триумфот на Светското клупско првенство против Тигрес.
Поранешниот селектор на репрезентацијата на Германија чекаше за следното финале сè до оваа зима кога во Џеда беше убедлив против Реал Мадрид во финалето на Суперкупот на Шпанија, славејќи со резултат од 5:2.