Во вторник во нашиот главен град, Скопје, ќе се случува веројатно најспектакуларниот фудбалски дуел за оваа година наречен Суперкуп на УЕФА – мечот во кој силите ќе ги одмерат актуелниот европски клупски првак, Реал Мадрид, и актуелниот освојувач на Лига Европа, Манчестер Јунајтед.
Великаните на светскиот фудбал на стадионот „Филип Втори“ ќе се соочат по 13-ти пат на официјални натпревари, Реал е поуспешен победил четири пати, два пати славеле „црвените ѓаволи“, а четири натпревари завршиле без победник.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Суперкупот на УЕФА, кое име и да го носело ова натпреварување низ годините, Реал го освоил три пати (2002, 2014, 2016), а Манчестер Јунајтед еднаш (1991).
Историјата на меѓусебните дуели на Реал и Манчестер Јунајтед започанла пред шест децении, на 11.април 1957 година во тогашниот Куп на европските шампиони. На „Сантијаго Бернабеу“ пред 135.000 гледачи Реал првиот полуфинален меч го добил со 3:1, со головите на Риал, Ди Стефано и Матеос, додека тејлор го постигнал голот за Јунајтед.
Во реваншот на „Олд Трафорд“ немало победник, дуелот завршил 2:2. Тејлор и Чарлтон
Ги постигнале головите за Јунајтед, а Риал и Копа за Реал. Реал потоа со триумфот над Фиорентина 2:0 ја освоил европската круна.
Единаесет години подоцна во двомечот поуспешен е Јунајтед. Труимф на „Олд Трафорд“ 1:0 со голот на Бест, на 24.април 1968 и 3:3 во Мадрид на 15.мај 1968, по што „црвените ѓаволи“ се пласираа во финалето.
Потоа следува пауза од три децении, за Реал и Јунајтед да играат меѓусебен двомеч во четвртфиналето во Лигата на шампионите. На 4.април 2000 во Мадрид натпреварот завршил без голови, а во Манчестер „кралскиот клуб“ триумфира со 2:3, со авто-голот на Рој Кин и двата гола на Раул, а стрелци за Јунајтед биле Дејвид Бекам и Пол Сколс.
Три години подоцна повторно во четвртфиналето играат Реал и Јунајтед. На 8.април во Мадрид, Раул постигна два, а Луис Фиго еден гол за триумф 3:1. Ван Нистелрој беше стрелец за Јунајтед.
Две недели подоцна на 23.април 2003 на „Олд Трафорд“ е одигран еден од најдобрите мечеви во историјата на Лигата на шампионите, Јунајтед победи 4:3, но Реал се пласира во полуфиналето.
Ван Нистелрој, Елгера (авто-гол) и Бекам со два гола беа стрелци за Јунајтед, а Роналдо постигна хет-трик за Реал.
Последното соочување, на официјални натпревари Реал и Манчестер Јунајтед го имаа пред четири години, во осминафиналето во Лигата на шампионите.
На 13.февруари 2013 во Мадрид мечот заврши 1:1. Кристиано Роналдо и Дани Велбек беа стрелци на головите.
Во реваншот Реал победи во Манчестер со 2:1. Серхио Рамос постигна авто-гол, а Модриќ и Кристиано Роналдо погодија за Реал.
Извор: Макфакс