
Тимот на Јувентус претрпе пораз со минимални 1:0 доцна синоќа од Реал Мадрид на “Сантијаго Бернабеу” во Лигата на шампионите и на тој начин ја продолжи својата исклучително негативна серија од девет последователни натпревари без победа.
Фудбалерите на Игор Тудор одиграа нерешено во пет натпревари и изгубија двапати во последните седум натпревари во Серија А и Лигата на шампионите, што е нивната најдолга серија без победа во сите натпреварувања од периодот април и мај 2009 година, кога под водство на Клаудио Раниери не успеаја да победат во осум натпревари, во кои забележаа шест нерешени и два порази. Ова достигнување може да биде израмнето уште за време на викендот, кога фудбалерите на “старата дама” ги очекува тешко гостување кај Лацио.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Последната победа на Јуве беше на 13 септември, кога со 4:3 беше поразен Интер. Во медиумите во Италија веќе сè повеќе се шпекулира дека токму оваа средба може да биде одлучувачка за иднината на Игор Тудор на чело на Јувентус и тој може да биде отпуштен, ако се запише нов негативен резултат.
“Бјанконерите” моментално се наоѓаат на седмото место во Серија А со 12 бодови од седум натпревари во првенството. До сега тие имаат освоено три средби, во три натпревари одиграле нерешено и имаат само еден пораз. Тие се на четири бодови од врвот, кој моментално е окупиран од Милан со 16 бодови. Интер, Наполи и Рома пак имаат по 15 бодови и ги заземаат следните три места на табелата.