Македонија денес го започнува својот настап на Европското Првенство во ракомет. Играме со аутсајдерот во групата, селекцијата на Украина. Но оваа група е до толку израмнета што ниту еден резултат нема да се смета за изненадување. Сепак, квалитетот и искуството е на наша страна, а тоа би требало да е доволно за стартна победа.
Лазаров сеуште со најголема одговорност, но сега со поголема подршка од младите
Македонската гол-машина Кире Лазаров се уште е најсилната алка на тимот и повторно тој ја преземе најголемата одговорност кога станува збор за офанзивата. Сепак, тоа е веќе прочитано кај нашите противници и јасно е дека Брестовац мора да смени нешто во играта. Во играта на Македонија се се сведува на шутот на Лазаров, на моменталните блесоци на Манасков и на играта на пикер. Овој шампионат е идеална шанса за Кузмановски и Талевски да преземат поголема одговорност, бидејќи големи играчи може да се стане само на големи натпреварувања. Можеме да очекуваме нешто поразлична Македонија од онаа на која се навикнавме да ја гледаме, а тоа можеше да се насети и на пријателските средби пред шампионатот.
Македонија подмладена, но сака олимписки квалификации
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Македонија е во процес на подмладување, а Брестовац има на располагање мешавина на искусни и млади играчи. Но пријателските средби Македонија ги одигра без Лазаров, а оние младите целосно ја оправдаа дадената шанса. Сега Лазаров ќе одмара повеќе од вообичаено, а тоа може да има добра и лоша страна. На овој прв меч со Украина кој е главен аутсајдер во групата, Македонија не смее да се потроши, а не смее ниту Кире. Брестовац ќе тргне силно од првата минута и ќе сака на почетокот да направи разлика, за да може да се штеди. Па … желба е пласман во Олимписките квалификации, нешто што оваа генерација силно го посакува со години, а ова е последната шанса на генерацијата предводена од Лазаров.
И Украина си има свои адути
Првиот противник на Македонија на Европското првенство, Украина е аутсајдер во групата Б, но селекторот Сергеј Бебешко се одлучи да поведе проверени играчи кои се главно од домашното првенство и добро се познаваат меѓу себе. Нивната воиграност е главниот адут на Украина. Но за овој меч против Македонија, тие си имаат и други адути. Во оваа селекција се и двајцата ракометари на Еурофарм, Владислав Остроушко и Александар Шевелев кој многу добро ги познаваат македонските репрезентативци.
Најголемиот дел од селекцијата на Украина игра во Мотор Запорожје и ЗТР Запорожје два тима кои сезонава играа против македонските тимови во европските купови. Оттаму добро се познати играчите со кои располага Бебешко, а во составот недостига единствено искусниот организатор на играта Александар Кириленко.
Украина со катастрофални резултати на подготовките
Украинската ракометна репрезентација не може да се пофали со добри резултати во рамките на подготовките пред стартот на Европското првенство. Избраниците на Сергеј Бебешко во изминатиот период одиграа три меча и сите ги загубија. Последниот пораз им го нанесе селекцијата на Тунис во рамките на „Јелоу Купот“ во Швајцарија од 34:32.
Пред тоа, Украина загуби од Холандија со 27:30 и од Швајцарија со неверојатни 32:22. Селекторот Сергеј Бебешко не е задоволен од играта, но верува дека неговите момци ќе блеснат во вистинско светло уште на стартот на ЕП.
Пишува: Јовица Симоноски