Дома Фудбал Симеоне пред Штутгарт: Во Ла Лига нека нè фалат, утре ќе се вреднува само теренот

Симеоне пред Штутгарт: Во Ла Лига нека нè фалат, утре ќе се вреднува само теренот

Диего Симеоне порача дека добрите резултати на Атлетико Мадрид на гостувањата во Ла Лига нема да значат многу пред дуелот со Штутгарт во Лигата на шампионите.

„Јорганџиите“ добро ја отворија сезоната во првенството и по девет кола имаат 22 бода, иако сè уште заостануваат пет зад лидерот Барселона. Во Германија пристигнуваат по минималниот триумф над Еспањол, обезбеден со голот на Алекс Баена во 89. минута, со што стигнаа до четврта победа на првите пет гостувања во шампионатот.

Единствениот пораз на гости во домашното првенство им беше против Атлетик Билбао со 3-0 на 5 септември, но европскиот контекст носи и поинаква слика. Атлетико беше поразен од Ливерпул на првото коло во Лигата на шампионите, а традицијата на германско тло во ова натпреварување не е на нивна страна.

Шпанскиот тим ги загубил последните пет гостувања кај германски ривали во Лигата на шампионите, а вкупно осум од последните девет вакви мечеви. Единствениот исклучок во таа серија е победата од 4-2 кај Баер Леверкузен во февруари 2017 година.

Дополнително, Атлетико нема победа во својот трет натпревар од групната/лигашката фаза уште од сезоната 2019/20, кога со 1-0 го совлада Леверкузен. Во последните шест сезони четирипати бил поразен во третото коло, а двапати одиграл нерешено.

Сепак, составот на Симеоне на второто коло славеше со 2-0 против Манчестер јунајтед. И покрај тоа, тимот нема врзано два меча без примен гол во Лигата на шампионите уште од февруари 2020, па аргентинскиот стратег очекува нов тежок тест против Штутгарт, кој ги доби првите два европски натпревари оваа сезона.

„Искрено, заборавив на сè што се случило претходно. Брзо ќе го заборават и тоа за што денес нè фалат, а ќе нè оценуваат според тоа што ќе го направиме утре.

Нè чека тежок натпревар против физички силен тим, кој јасно го разбира пресингот на противничката половина, речиси секогаш човек на човек, а знае и многу длабоко да се повлече кога брани“, изјави Симеоне.

Атлетико во Германија ќе отпатува без Кристијан Ромеро, кој е најзвучното отсуство во составот. Дефанзивецот, кој летово пристигна од Тотенхем, има мускулна повреда и клубот не сака да ризикува. Надвор од комбинација е и капитенот Коке.

„Јасно е колку е важен Кути, но тимот како целина нè прави сите подобри. Нема да излеземе од таа линија, тимот е поважен од поединецот“, додаде тренерот на Атлетико.

Атлетико сè уште го брка првиот трофеј во Лигата на шампионите, иако во минатото двапати стигнуваше до финалето и двата пати беше запрен од Реал Мадрид, во сезоните 2013/14 и 2015/16.

Минатата сезона мадридскиот клуб стигна до полуфиналето, каде што испадна од Арсенал со вкупни 2-1. Дефанзивецот Давид Ханко смета дека токму тоа искуство може да му помогне на тимот оваа сезона да направи уште еден чекор напред во Европа.

„Чувството од минатата сезона е дека бевме многу блиску до големи работи – и во купот и во Лигата на шампионите. Останавме со впечаток дека стигнавме до самиот крај, но не успеавме целосно. Сега го користиме тоа искуство за да бидеме подобри оваа година“, порача Ханко.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Медисон се врати со гол и емоции: По „темните денови“ повторно блесна за Тотенхем

Џејмс Медисон го одбележа првиот премиерлигашки старт по долгата пауза со прекрасен гол во…