Дома Фудбал Мерсон без милост по победата на Арсенал: Езе е под жесток притисок

Мерсон без милост по победата на Арсенал: Езе е под жесток притисок

И покрај победата на Арсенал со 1-0 над Нотингем Форест, Пол Мерсон отвори сериозна тема околу настапите на Еберечи Езе и неговото место во тимот на Микел Артета.

Поранешниот фудбалер на „топчиите“ во анализата за Sky Sports јавно се посомнева дека англискиот репрезентативец ќе успее брзо да се вклопи на „Емирати“, посочувајќи дека барањата во голем клуб се сосема поинакви од оние што ги имал во Кристал Палас.

Мерсон нагласи дека во помал клуб еден играч може да добие многу поголема слобода и играта да се врти околу него, додека во Арсенал ситуацијата е сосема поинаква.

„Играв за големи клубови и за клубови кои не беа големи – тоа е сосема различна игра. Еберечи Езе е совршен пример. Многу е поразлично. Беше заменет на полувреме против Форест, а ако вака играше за Кристал Палас, веројатно ќе останеше на терен. Во Арсенал мораш да испорачаш. Мораш да играш во систем. Не можеш едноставно да ја играш својата игра. Не можеш да бидеш слободен дух во голем клуб.“

Според него, во Палас логиката била едноставна: топката да оди кај Езе и преку него да се гради играта. Во Арсенал, пак, конкуренцијата и распределбата на одговорноста се многу поголеми, бидејќи во тимот има повеќе фудбалери низ кои може да поминува играта.

„Во Палас пораката е: дајте му ја топката на Езе, сè оди преку него. Во Арсенал ги има повеќе. Дајте му ја топката на Сака, на Одегард, на Рајс… Момчето знае да игра, прекрасен фудбалер е, но не сум сигурен дека ќе биде прекрасен и за Арсенал. Не знам ни дали ќе ја добие таа шанса, затоа што штом не оди добро, веднаш излегува. Арсенал има премногу опции на клупата и лесно е да биде заменет.“

Езе доби шанса од првата минута на левата страна во нападот против Нотингем Форест, но неговото издание мина незабележливо. Во првите 45 минути не упати ниту еден удар и не комплетира ниту еден успешен дриблинг, по што Артета реши да реагира уште на паузата.

На негово место влезе Нони Мадуеке, а токму тој подоцна го постигна победничкиот гол во 80. минута за нов триумф на Арсенал.

По трансферот од Селхрст Парк, Езе засега не успева да го повтори нивото со кое важеше за еден од највозбудливите офанзивци во Премиер лигата. Со силна конкуренција во нападот на Артета, јасно е дека ќе мора брзо да се прилагоди на тактичките барања ако сака да си обезбеди постојано место во стартниот состав.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Луис Енрике посочи што мора ПСЖ да направи за да го запре Јамал

Тренерот на ПСЖ јасно порача дека клучот против Барселона е да се ограничи влијанието на Л…