
Актуелниот шампион во ракомет, Еурофарм Пелистер, денеска и официјално го потврди едно од најголемите засилувања за наредната сезона – ангажманот на македонскиот репрезентативец Мартин Серафимов, кој пристигнува од тимот на Алкалоид.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
Од битолскиот клуб преку социјалните мрежи информираа дека десниот бек, кој има значајна улога и во националниот состав, ќе се приклучи од сезоната 2026/27. Серафимов потпиша договор на две години и се очекува да биде важен адут во остварувањето на амбициите на „пелистерци“.
„Нашиот клуб секогаш бил асоцијација за македонската репрезентација и во секој успех вградил многу свои членови и протагонисти. Затоа секој потпис на македонски репрезентативец многу ни значи. Денес го официјализираме како наш нов член Мартин Серафимов, десниот бек на националниот тим. Тој потпиша двегодишен договор со Еурофарм Пелистер и од сезоната 2026/27 ќе му се стави на располагање на стручниот штаб“, соопшти Пелистер.
Пред ангажманот во Алкалоид, Серафимов го носеше дресот на Металург, а неговото доаѓање во Битола се очекува на почетокот на јули, кога тимот ќе ги започне подготовките за новата сезона.