
Лидерот во ПМФЛ, Вардар, со силна и убедлива партија го стартуваше пролетниот дел од сезоната, совладувајќи го Арсими со високи 5-1 на домашен терен. „Црвено-црните“ уште од самиот почеток покажаа дека нема да дозволат изненадување, а во прв план беа токму зимските засилувања кои веднаш почнаа да ја оправдуваат довербата.
Само пет минути му беа потребни на Стефан Цветковиќ, новото име од Србија, да го отвори резултатот и да ја најави убедливата вечер за составот на Гоце Седлоски. Притисокот продолжи, па во 18. минута Николов зголеми на 2-0. Доминацијата на Вардар беше комплетирана по нешто повеќе од половина час игра, кога Велковски, на својот прв настап по враќањето во клубот, се запиша меѓу стрелците за 3-0.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
До паузата, лидерот не застана. Босанчиќ ја искористи невнимателноста на одбраната на Арсими и погоди за убедливи 4-0, практично решавајќи го победникот уште во првите 45 минути.
Во продолжението Вардар ја намали динамиката, рутински ја контролираше играта и стигна до уште еден погодок за 5-0. Гостите успеаја само да го ублажат поразот во самиот финиш, кога Цуцули реализираше пенал за конечни 5-1.
Со оваа победа, Вардар испрати јасна порака дека останува сериозен кандидат за врвот и во вториот дел од сезоната.