
Човекот кој повреди 134 лица кога со автомобил влета меѓу навивачите на Ливерпул што ја прославуваа шампионската титула во Премиер лигата, денес беше осуден на 21 година и шест месеци затвор.
Инцидентот се случи на 26 мај попладне во Ливерпул, за време на прославата на освојувањето на титулата, кога 54-годишниот Пол Дојл со автомобил влета во толпата. Тој беше сопрен кога минувачот Ден Бар влезе во возилото и го натера да се паркира. Се обиде и покрај тоа да продолжи, но автомобилот, под кој беа заробени луѓе, не можеше повеќе да се помести.
Како екраните влијаат на детскиот развој? Разговор со дефектолог
„Снимката е навистина шокантна. Тешко е, ако не и невозможно, да се опишат разорните сцени што сте ги предизвикале. Снимката покажува како намерно забрзува во групи навивачи, повторно и повторно”, рече судијата Ендру Менари, пренесе Скај.
Дојл плачеше на судот додека за време на дводневното изрекување на пресудата, обвинителите детално го претставуваа злосторството, користејќи видео снимки и читајќи емотивни изјави на десетици жртви.
“Речиси е невозможно да се сфати како било кое лице здраво на умот би можело да се однесува како вие. Да влезете во толпа пешаци со таква упорност и непочит кон човечкиот живот пркоси на обичното разбирање. Вашите постапки предизвикаа ужас и разурнување во размери кои овој суд не ги видел претходно”, наведува судијата.