Матеја Ефремовска е државен шампион во повеќе дисциплини и македонска репрезентативка, а со атлетиката се занимава веќе 13 години.
Нејзините рекорди и медали се нешто со кое се гордее и е доказ за нејзината посветена работа. Сега во нашиот разговор ни откри повеќе детали со кои македонската спортска јавност подобро би ја запознало.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Како ја избра токму атлетиката да биде твој спорт?
На 2-3 годишна возраст додека татко ми гледал на телевизија атлетски митинг сум изразила желба и јас тоа да го правам. Татко ми само чекал да нешто такаво посакам и веднаш почнал да бара начин како на најдобар начин ми излезе во пресрет и ми овозможи да се бавам со атлетиката.
Студент сте во Кина, една споредба на атлетиката таму и кај нас?
Таму ништо не е препуштено на случајност, туку децата од најрана возраст се селектираат за тренирање на одредена дисциплина согласно нивните желби и афинитети. Потоа, зависно од возраста и резултатите, се бара начин како атлетичарот може најдобро да напредува – во одреден клуб или кај тренер специјалист за одредена дисциплина.
Како се случи да студирате во Кина?
Кинескиот го избрав како изборен предмет кога студирав француски на филолошкиот факултет Блаже Конески при универзитетот Свети Кирил и Методиј и се вљубив во него „на прв испит“. Откако го положив имаше натпревар по познавање на кинески јазик „Кинески мост“, натпреварот беше од изборен карактер, каде што победата ми овозможи да одам и да ја претставам Македонија на натпреварот во Кина.
Така, со тоа ми беа отворени вратите за добивање на стипендија за студирање на кинески јазик во Кина.
Успешна сте во повеќе дисциплини. Имате ли омилена?
Немам омилена дисциплина дури едно време бев близу до тоа да почнам да тренирам седмобој. Секоја дисциплина има своја убавина било да е скокачка, тркачка или фрлачка и имам освојувано државни титули и рекорди во неколку од нив за разни возрасни категории.
За успех во спортот потребни се жртви, се откажа ли од нешто за да си тоа што си денес?
Јас не сметам дека сум жртвувала нешто, иако, се разбира, бавењето со врвниот спорт подразбира многу работа и одрекувања. Гледано од страна, би можело да се заклучи дека го имам жртвувано вообичаениот младешки живот на моите врсници полн со излегувања и слободни активности, но не мислам дека мојот живот е помалку исполнет и среќен. Среќата е во задоволствата кои ти ги пружа она што го работиш, а верувајте, јас сум повеќе од среќна и задоволна од мојот живот.
Што го сметаш за клучно во твојот успех?
Па нема тука многу филозофија. Како и за секој спорт најважна е работата, спортскиот живот и добриот тренер и условите за работа.
Без тотална посветеност кон она што го работиш не може да има успех во ништо, па ни во спортот, а поготово во атлетиката која не е колективен спорт и нема вадење и криење зад соиграчите.
Кој медал или рекорд би го издвоила како посебно драг?
Државните рекорди се за секого најголем предизвик бидејќи по дефиниција тоа е најдобар резултат кој некој некогаш го постигнал во одредена дисциплина во една земја. Особено ако тие рекорди повеќе децении опстојувале како оној во фрлање диск за жени, кој кога го оборив беше стар цели 26 год. Сите медали ми се драги, но секако особено ме радува кога победам и воедно и ќе постигнам нов личен рекорд.
Се вложува ли доволно во Македонија во атлетиката?
Знам дека генерално во спортот во Македонија не се многу вложува, но запоставувањето на атлетиката која е базичен спорт има подалекусежни негативни последици генерално за спортот во Македонија. За почеток треба атлетски стази во сите поголеми градови во државата, а потоа и атлетска сала за да може и во зима нормално да се тренира.
Мора да се вложува во инфраструктурата и стручниот кадар ако сакаме атлетиката да си го заземе местото кое и припаѓа – кралица на спортовите.
Во иднина би сакала да остварам норма за учество на некое поголемо натпреварување, како и да оборам уште некој државен рекорд.
Која би била твојата порака за сите кои сакаат да се занимаваат со атлетиката?
Не попусто атлетиката е позната како кралица на спортовите. И самото олимписко мото побрзо, повисоко, посилно комплетно е вградено во неа. За разлика од другите спортови, освен пливањето, овде покрај борбата со конкурентите, постои уште една прикриена, но исконска – борба на човекот против самиот себе во обид да се самонадмине и докаже дека секогаш може подобро.