Денес започнува новата сезона во Првата македонска лига во која по пауза од две години повторно ќе игра Вардар.
Вардар кој низ минатото има 11 шампионски титули во Првата лига поради финансиската криза која се уште е актуелна мораше да помине две сезони во второлигашко друштво. Минатата сезона фудбалерите скоро без плати не се откажаа, играа и преку баражот против Скопје му обезбедија место на Вардар во најсилната конкуренција.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Противник на црвено-црните ќе им биде амбициозниот струмички клуб со ново име и сопственици, Брера Струмица. Против Брера или Академија Пандев претходно, Вардар одиграл шест натпревари и има учинок од четири победи и два порази.
Ќе потсетиме и дека ФФМ забрани забрани гостински навивачи во Струмица бидејќи немаше време да се направат проверки на монтажната трибина за гостински фанови. Без разлика на тоа „Комити“ најавија дека ќе патуваат во Струмица со цел уште еднаш да ја покажат својата поддршка за Вардар.
Шампионот Струга Трим Лум сезоната ја стартува против Гостивар кој е еден од тимовите што беа најактивни во летниот преоден рок, гостиварци имаат големи амбиции во новата сезона. Натпреварот против актуелниот шампион е вистински тест за нивните можности, иако е прво коло.
Освојувачот на Купот, Македонија Ѓорче Петров ќе гостува кај Тиквеш кој исто така претрпе сериозни промени во играчкиот кадар во текот на летото.
Воска Спорт која дебитира во Првата лига ќе биде домаќин на Шкендија, а колото ќе биде затворено со утрешниот натпревар помеѓу Работнички и Шкупи.
Сите натпревари се играат во терминот од 17:00 часот.