Фудбалската федерација на Македонија на меѓународниот ден на жената, 8. март, ја претстави првата македонска женска стратегија „Повеќе жени – повеќе голови“ 2021-2025.
На официјалната промоција на стратегијата на ФФМ наши спрецијални гости беа aмбасадорот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир и амбасадорката на САД, Кејт Брнс.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Преку создавањето на првата стратегија за женски фудбал, нашата цел е да го направиме женскиот фудбал спортски избор број еден во нашата земја за жени и девојки.
Преку работа на структурите во федерацијата за женски фудбал, сакаме да изградиме развојна натпреварувачка структура, која е одлична за фудбалерките, но првенствено целта е да развиеме и да поддржиме амбициозна репрезентативна структура со предизвик да биде конкурентна на европската фудбалска сцена.
Свои обраќања на денешниот настан имаа потпретседателот на ФФМ, Лазар Ракиџиев, генералниот секретар, Филип Поповски, а своја поддршка преку видео обраќање даде нашиот Влатко Андоновски, селектор на женската репрезентација на САД.
Лазар Ракиџиев – потпретседател на ФФМ:
„Водејќи се од максимата „Еднакви можнсти за сите“ ја создадовме првата македонска стратегија за женски фудбал: Повеќе жени – повеќе голови!
Преку инспиративна промоција се обидуваме да ја направиме играта привлечна и достапна со намера да ги надминеме сите културни или практични бариери кои може да постојат.
Сакаме секоја девојка која сонува да игра за нашата репрезентација да се чувствува уверена дека нејзиниот талент ќе биде забележан и дека ќе бидат достапни потребните тренерски можности за поддршка на нејзиниот развој.
Женскиот фудбал е многу повеќе од елитна изведба. Со зголемување на нивоата на партиципација, можеме да придонесеме и за многу општествени прашања. Подобрување на на физичка подготвеност, зголемување на самодоверба, создавање нови можности за вработување или надминување на заблудата поврзана со учеството на жените во спортот.
Заедно со моите колеги сме посветени да ја одиграме нашата целосна улога во развојот на женската игра и да дадеме придонес да бидеме многу повеќе од гледачи на женскиот фудбал.
Затоа што колку повеќе ги славиме жените во спортот и во фудбалот, толку повеќе ќе имаме што да прославуваме“.
Филип Поповски – генерален секретар на ФФМ:
“Оваа стратегија е комплето посветена на позитивна акција. Таа веќе е во функција од минатата година. Работејќи преку петте стратешки столбови, имаме намера да изградиме и зајакнеме долгорочна и одржлива национална структура за женски фудбал.
Сепак, ова нема да се случи само и единствено со нашите напори. За целосно да го исполниме нашиот потенцијал, ќе треба да продолжиме да соработуваме со многу различни партнери, вклучувајќи ги нашите клубови, нашите училишта, локалните власти, медиумите и комерцијалните партнери. Сите ние имаме важна улога во развојот на женскиот фудбал како женски спорт број еден во Македонија и се надеваме дека оваа стратегија ќе помогне да се инспирира континуирана поддршка и вклученост.
Ќе создадеме поголема пристапност до нашата фудбалска инфраструктура и преку тоа ќе се обидеме да ги надминеме бариерите кои историски го спречуваа ангажманот на жените. На ниво на федерација ќе се погрижиме жените да имаат еднакви можности за пристап до нашата управувачка структура и до клучните улоги во нашиот тим.
Ние како ФФМ не веруваме дека само еден ден во годината треба да е посветен на жените. Со оваа стратегија сакаме да допринесеме и да го славиме женскиот фудбал и улогата на жените во спортот секој ден во годините кои следат.
Влатко Андоновски – селектор на женската репрезентација на САД:
„Моја поддршка за овој фантастичен проект со кој ќе го забрза растот на женскиот фудбал. За остварување ќе треба посветеност од сите, сите ќе имаат своја улога. Со план како овој мислам дека ни претстои светла иднина, ништо не може да се смени преку ноќ, ама можеме многу да направиме. Кога жените се успешни, сите ние сме успешни“.