Денес Македонија го одигра последниот натпревар во првата фаза, воедно и на Европското првенство, иако пред почетокот на првенството изгледаше дека добивме група по наша „мерка“ сепак не било така.
Првиот натпревар против Украина го добивме едвај со гол на Кире Лазаров во последната секунда иако констатно го контролиравме натпреварот. Кога сега ќе погледнеме изгледа како уште тогаш некаде на половината на тој натпревар да започна лош период за нашата репрезентација кој не заврши во наредните два натпревари. Покрај Лазаров против Украина го имавме и фантастичниот Никола Митревски.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На вториот натпревар против Чешка на изненадување на сите Брестовац го замени Митревски со Ристовски. Ристовски против Украина имаше само четири одбрани, а ние изгубивме со резултат 27:25. Не е само тој виновен. Денешниот натпревар против Австрија и не треба да се коментира, едноставно Австријците не потопија.
Каде се младите кои требаше да блеснат?
На ова Европско очекувавме да добиеме нови изградени ракометари, но повторно е она старото – чекаме на Кире. Капитенот во тој натпревар имаше 11 гола и подели уште најмалку 6-7 асистенции, што повеќе да направи човекот!? Лазаров турнирот го заврши со 21 гол во три натпревари на 39 години.
И самиот Кире после победата со Украина јавно повика младите да превземаат одговорност и дека само така ќе станат големи играчи. Тоа во наредните два натпревари не го видовме.
Не добивме ниту едно ново име на кое со сигурност можеме да се потпреме во иднина, а тоа можеби и беше најважната цел на нашата селекција на овој турнир, секако покрај желбата за подобар пласман.
„Талески и Кузмановски досега беа млади, сега треба да докажат дека се квалитетни“, изјави Брестовац пред првенството….
Ние не видовме ништо посебно ниту од Кузмановски и Талески, ниту од било кој друг помлад ракометар. И Талески и Кузмановски не се веќе млади тоа се играчи кои веќе треба да бидат лидери покрај Лазаров, меѓутоа засега се далеку од такво нешто. Не можеме да кажеме за некој играч дека е млад кога веќе зад себе има три европски првенства, тоа е веќе зрел играч кој треба да превзема одговорност.
Како ќе биде кога Кире ќе го нема во репрезентацијата за некоја година тешко е да се замисли..
Пишува Стефан Даскалов.