Ристо Вуков ја започна третата сезона на настапи во Порше Карера Куп Италија и со нови четири бода се наоѓа на 13. место на табелата.
Тренинзите и квалификациите се возеа во дождливи услови, но потоа времето се стабилизираше и двете трки во сабота и недела се извозеа „на суво”. Рико на квалификациите се најде на 22. место од 36 возачи, бидејќи превзема ризик да излезе со гуми за суво порано од конкуренцијата, а потоа мораше во бокс по нов сет за финалните моменти од квалификациите.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
– Впечатоците од првиот настап од една страна ме потсетуваат на минатата сезона, кога често имавме ситуација да се соочуваме со променливи временски услови и да возиме една сесија на влажен асфалт, а друга на исушен. Ваквите промени не се предизвик само за возачот, туку и за инженерите и механичарите кои мораат да ми помогнат да го најдам идеалното штелување. Од друга страна, со новиот автомобил имам премалку километри во тестирања за да можам да се чувствувам комфорно и тоа е нешто на што морам да поработам во продолжението на сезоната. Драго ми е дека повторно освоив бодови во двете трки, континуитетот на пласманите меѓу првите е нешто што ми дава сила да продолжам и да ги чекам „моите пет минути”.
Првата трка Вуков ја финишираше на 15. место, додека во втората на крајот по неколку промени заврши на 13. место.
– Во првата трка имав исклучително добар старт, но напредувањето потоа одеше тешко бидејќи на патеката два пати беше аплицирано возилото за безбедност. Морам да признаам дека тука бев и малку порезервиран, бидејќи пласманот од сабота е пресуден за стартната позиција на втората трка во недела и не сакав да преземам ризик. Успеав да се подобрам за шест позиции, а дополнително еден возач доби казна и тоа ми донесе уште едно место. Во неделната трка повторно поминав четири возачи на стартот и фатив приклучок со водечката група. Тоа ми даде простор да извадам максимум перформанси и бев само шест десетинки побавен од најбрзото време, односно во просек една секунда од она што го извозе побединикот. Тоа уште еднаш става акцент на тоа дека квалификациите се пресудни во овие трки со идентични возила, а во двете трки победија оние што стартуваа од првото место. Тоа повторно ме доведува до заклучок дека само со зголем обем на тренинзи можам да го подигнам нивото, а со тоа и резултатите.
Порше Карера Куп Италија продолжува со гран при викендот во Римини, каде што на патеката Мизано, која е позната како домаќин на трките од Мото ГП, ќе се возат следните две трки на 4 и 5 јуни.